На кафе со Филип Поповски

Шеф Филип Поповски или подобро познат како “Готвиме Со Фичо”.

Како изгледа едно утро на Филип Поповски? 

Ме погоди со прашањево! :) Вака сеа, станувам во 06:00 секој ден, вежбам до 07:00, потоа се спремам за да го почнам денот, Максим (син ми) станува точно откако ќе се спремам :) , Ивана (жена ми) вообичаено е веќе будна кога ќе завршам со вежбање. Се спремаме излагаме на работа, Максим се носи кај баба, јас продолжувам на работа и почнува хаосот! :) Започнуваат телефонски разговори со добавувачи на роба за ресторанот, состаноци и испреплетено со овие обврски ми се обврски кон спонзорите кои ми се веќе рутина и задоволство... Потоа се гледам со тимот во ресторанот, разговараме за различни ситуации кои се случиле претходниот ден и нови идеи за денот што следи. 

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Кафе и 500мл вода и мирис на липа или багрем! (се смее)

Кој е рецептот за совршен појадок за позитивен почеток на денот? 

Не постои еден совршен појадок, постојат многу совршени појадоци! :) Зависи како ќе ми тргне денот и зависи каква е временската прогноза. Вообичаено стартувам со омлет. Меѓутоа знам да го започнам денот и со некоја овесна каша со различни шумски плодови. 

Скопје во само три зборови…

Динамично, хаотично, урбано.

Омилен скопски традиционален рецепт?

Тешко прашање! Чорба! :)

Кој е твојот најголем кошмар во кујната?

Кога во најголемата гужва ќе снема плин! :)

Дали постои храна која не би ја пробал никогаш?

Не постои! :)

Која храна е преценета, а која потценета кај нас?

Уф :) Преценета мислам дека не постои, во Скопје храната по локалите е доста ефтина во однос на тоа колку луѓе земаат плати и работат во кујната и кои се трошоците. Ако се прашувам јас цените во локалите треба да се качат за минимум 30%. Мислам дека потценета е традиционалната храна! Не си го цениме она што го ценат странците… Од таа причина многу шефови се вртат кон западната кујна и ја забораваме нашата традиционална (и јас сум меѓу тие шефови кои ја забораваат традиционалната кујна). Имаме перфектни билки, фантастичен зеленчук, а не го користиме. Дури и рестораните кои се во мал број работат западна кујна. Сметам дека ресторанската сцена треба да биде исполнета со локални, традиционални рецепти сервирани и зготвени на модерен начин преку модерни техники. 

На твоите профили на социјалните мрежи големо внимание добиваат видеата во кои готвите заедно со твојот син. Дали би сакал во иднина и тој да стане професионален шеф?

Додека бевме затворени со полициски час немавме многу избор како да се забавуваме, изгледавме се што може да се изгледа на ЈуТуб и Нетфликс, ги изигравме сите играчки и ни остана да се позанимаваме со тоа што тато знае најдобро да го прави – да готви! :) Вклучувањето на Максим во видео рецептите беше сосема случајно, детето само изрази желба да ми помогне и имаше толку интересни прашања и реакции што жално ќе беше да не ги снимам. :)

А дали ќе сака да биде шеф ќе видиме… Едно знам, а тоа е дека ќе му овозможам да стане што сака, нема никогаш да му бидам пречка за самореализација и креатива. Секогаш сум велел и стојам позади тоа дека школото и едукацијата се најбитниот момент во развојот на секој. Ќе се обидам да му овозможам да посетува квалитетно школо и да може квалитетно да се развива во струката која ќе ја одбере.

Се соочуваме со глобална пандемија, за време на карантинот сведоци бевме дека главна активност по дома на многумина им беше готвењето и испробување на нови рецепти. Како вие ги поминавте овие денови? Дали имавте омилен карантински оброк?

Хмммм… често правевме палачинки и месевме различни лебови (месење леб за мене е света работа) па затоа качивме по некое кило :)

Какви работни предизвици те очекуваат во наредниот период?

Во периодов што следи имам многу ангажмани. Работам неколку проекти паралелно и плус работам како консултант за повеќе компании од индустријата, сето ова е доста доста захтевно бидејки е поврзано со бројки и статистика што го прават секој бизнис успешен. 

Исто така продолжувам со домашните видеа, нив не ги оставам. ;)

Во преговори сум со многу сериозни брендови за идни соработки за кои ме чека многу креатива и многу предизвици.

Обновив проект стар повеќе години. Знаете дека со снимање видеа се занимавам многу долго и сум еден од првите Јутубери на Македонската сцена. Овој пат започнувам од ново со нов проект кој ќе се вика “Готвиме Со Фичо” и ќе опфаќа различни едиции, па така секоја едиција ќе биде од 5 до 6 видеа кои ќе опфаќаат некаква тема или геолокација. Моментално на мојот канал на ЈуТуб можете да погледнете видеа од првиот серијал кој го нареков “Маврово Едишн”. Овој серијал опфаќа лесни рецепти кои може сеој да ги направи и содржи сендвичи, некоја салата и десерт. Рецептите се наменете да може секој да ги направи и во секакви услови. Снимани се во Маврово. Наредниот серијал ќе биде којзнае каде… :) Зависи каде ќе ме однесе некоја следна приказна или како ќе ме мотивира некоја следна локација.