На кафе со Евгениј Поп Ацев

Македонски маратонски пливач, трикратен светски првак во маратонско пливање. Уште една спортска гордост на македонската јавност.

Како изгледа еден почеток на денот на Евгениј Поп Ацев? Дали имаш некои утрински ритуали?

Наутро се будам во 05:40, но често ќерка ми ме буди и порано од тоа. Ритуалот ми е кафе па мал доручек. Не сум голем ранобудник и обично сакам да си го пијам кафето полека и да не јадам набрзина па ми треба можеби повеќе време од сабајле за разлика од останатите. Од дома излегувам во 06:40 и од 07:00 ми започнува тренингот на базен.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Мирис на турско кафе, летно време звукот на птиците од Градскиот парк и празните скопски улици.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Таа недела кога разеленува градот, кога сивилото се претвора во зеленило , тогаш и времето и температурата се најидеални, се осеќа нова енергија во градот и мирисот на цвеќињата и дрвата. Градот и луѓето стануваат подинамични, кафулињата ги отвараат терасите и животот се преселува повеќе надвор во парковите и на улиците.

На Скопје му недостасува...

Чист воздух, зеленило, еколошка свест, соодветен транспорт и транспортна инфраструктура.

Скопје во само три збора...

Мирис на липа, боемскиот живот, Чаршија.

Дали памтиш кога прв пат влезе во базен? Какви планови, соништа имаше на почетокот, во кој правец го замислуваше развојот на твојата кариера?

Прв пар влегов на базен можеби пред 25 години во малиот базен на Олимписки кога се запишав во клубот АПК Студент – Скопје, имав не повеќе од 5 или 6 години.

Се сеќавам тогаш се изгледаше многу поголемо него сега и тогаш пливањето го гледав повеќе како игра без некои големи планови за во иднина.

Можеби уште не бев подготвен тогаш да бидам по посветен, а може и бев премал па се откажав и се запишав на гимнастика и тренирав 3-4 години, но после тоа се вратив на пливањето и тогаш станав посветен и почнав да се гледам себеси како пливач во иднина.

Условите за професионално пливање кои ги имаш дома, не е тајна дека се далеку од идеални, но сепак наоѓаш начин да се избориш со сите предизвици и со секој твој настап надвор и освоен медал да ја направиш горда македонската јавност.
Постои и ли рецепт за успех за постигнување врвни резултати во пливањето?

Условите не се баш идеални како и во повеќето спортови кај нас, но што е тука, тука е, сите ние се трудиме да дадеме максимум и да направиме најдобри резултати што можеме. Рецептот за успех е работа, пожртвуваност и посветеност, талентот е важен исто но работата може да го надомести талентот, а талентот не може да ја надомести работата. Исто така организираноста со другите обврски како училиште, факултет како и социјален живот е круцијална зашто секојдневните тренинзи одземаат голем дел од слободното време и мора да сте спремни да го жртвувате.

Кој е твојот следен маратон предизвик?

Следен натпревар ми е во февруари на ултра маратонот и светкиот куп во Аргентина. Најголем предизвик за следната сезона ми се квалификациите за ОИ во Токио кои ќе бидат во мај.