На кафе со Елена Бубало

Фитнес инструктор, личен тренер, основач на програмата „Total Body Workout by Bubalo“.

Како изгледа едно утро на Eлена Бубало? Дали имаш некои утрински ритуали?

Леле, комплетно ми диригираат Андреј и Зои и тешко е да се кажат ритуали, но сепак има нешто што правам секое утро. Последниве 7 месеци  станувам рано и тоа благодарение на Зои ме стави во ред да легнувам порано (може не е за фалење ама е реално така), во утринските часови околу 06:00 е многу расположена и можам одма да извежбам, моментално заради ситуацијата во домашни услови, па следи здрав оброк и после тоа сум подготвена со шоља кафе да држам онлајн утрински часови. Малку искрено и хаотично утро имам, па станува Андреј моментално не оди во градинка, па морам додека држам часови и него да му давам команди да го почне утрото (облекување, појадок и слично). Има денови кога ми фали мотивација сама да вежбам и си вежбам заедно со утринската група. Може и  не може да се добие некоја јасна слика за моето утро, но мене ми е убаво со чување деца, вежбање, здрав оброк, кафе и држење тренинзи.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Бидејќи сум опколена со рекреативни спортисти околу мене од секоја спортска гранка, некако прво на памет ми паѓа кејот на Вардар полн уште од раните утрински часови со позитивни лица кои трчаат, ќе посакаат убав ден и ќе се насмеат.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Пролет го сакам баш заради тоа. Ме мами Градскиот парк, кафе дружба и прошетка, малите кафулиња на отворено, дворот и разбудени од зимски сон сите поздрави и комшиски муабети, прошетка на Водно и фамилијарно сите на велосипед.  Ова дури ми разбуди спомени и носталгија колку посакувам се да се врати во нормала и вака да почне весело оваа пролет што ни доаѓа.

На Скопје му недостасува...

Чист воздух, поголема грижа за лицата со посебни потреби, сала за детска гимнастика, помалку автомобили, повеќе искрени луѓе и помалку шминка. Ова ми дојде прво на памет J

Скопје во само три зборови..

Мало наше катче.

Елена од каде љубовта и страста кон вежбањето и здравиот начин на живот? Кога вежбањето од рекреативно премина во професионално?

Веќе поминаа 10 години и повеќе кога комплетно се заљубив во рекреативното спортување поточно во тоа време во аеробикот. Јас од 7-8 години, скоро 16  години се занимавав и со фолклор (така се знаеме и со Атанас) кое го сметам за одлична физичка активност која во детството ме има научено на ред, дисциплина и посветеност. Па кога почнав паралелно и со ваква физичка активност воопшто не ми претставуваше проблем да се вклопам, а уште помалку да се заљубам и да си ветам на себе дека ќе дадам се од себе да се едуцирам во ова и да го работам понатака во животот. Така веднаш откако дипломирав биохемија, паралелно и вежбав и држев часови и одев по семинари, но веднаш после тоа се запишав во Белград на ДИФ како еден вид доквалификации за групен и персонален тренер и од тогаш па навака секој ден давам максимум во оваа работа, почнувајќи од учење, надоградување, креативност, резултати, искуство и се што е потребно останато за да стигнам до ова што сум денес, односно да имам една армија од вежбачи со кои го делам своето секојдневие.

Според тебе, дали скопјани со доволно физички активни?

Во последните 10 години бројката е само во пораст, особено последните 5 години. Расте секој ден и тоа е одлично за да имаме една здрава иднина. Потешко е повозрасните да разберат колку е важно да се физички активни, на тоа треба да се работи многу повеќе и да се крене свеста, а за младите секогаш ќе има повеќе и помалку мотивирани но сметам дека сме на добар пат.

Глобалната здравствена пандемија драстично влијае веќе повеќе од десет месеци на животот на сите нас. Дали и колку кај тебе новонастанатата ситуација донесе и нови навики во работењето и секојдневното реализирање  на обврските?

Мене ми се собраа три работи, од една страна Ковид ситуацијата,  од друга страна исто тоа време бев бремена и ја родив Зои, а трето требаше да се најде начин како да се продолжи со тренинзи понатака. Но, спортот нели не учи како да се носиме со секојдневите предизвици, така и во оваа ситуација, уште првиот ден најдовме начин како ќе продолжиме со држење онлајн часови иако тоа до сега не сме го правеле, беше комплетно ново но одлично прифатено. Тоа е една драстична промена, како за нив вежбачите така и јас се прилагодив да вежбам од дома.

И сега работиме паралелно и во сала и дома и дури не ми се верува колку онлајн вежбањето, држењето предавања, обуки излезе успешно и го работиме се подобро а патем не научи на нов начин на работа и функционирање.

Од друга страна имав малку повеќе време за домашни обврски во кои кои искрено уживав еве како на пример повеќе време во кујна и уредување на дворот (ова најмалку на мајка ми и се веруваше :)

Како да се биде физички активен и да не се изгуби мотивација  во услови на светска здравствена криза?

Кога вежбањето е дел од твоето секојдневие и е стил на живот, не бараш оправдувања за да вежбаш и бидеш физички активен туку бараш причина. Мене ова ми беше дополнителна причина да вежбам, да останам во подобра и поактивна ублажена состојба, да споделувам и да ги мотивирам сите околу мене. На крајот од денот конечно сите имавме повеќе време за себе, 1 саат да вложиме за сопственото здравје, нешто што треба да не служи во иднина. Па поголема мотивација од треба ли? Дополнително слободно време да се направат и други промени на пример во исхраната, да се одвикнеме од некоја лоша навика. Поточно да пробаме не само негативно туку да извадиме и позитивно од целава ситуација.

Во кој правец би сакала да се развива твојата кариера? Која е твојата следна цел?

Прво заедно со Атанас сакаме да го прошириме тимот бидејќи не можеме да постигнеме се сами, и веќе работиме на тоа. Имаме сега нов сајт (доцниме со тоа ама му дојде ред), па сакаме едукативно да почнеме да го полниме. Не застануваме со едукации сега онлајн, па се надевам понатака и со физичко присуство надвор од државава. Сепак најголемата цел ми е секојдневно да променувам животи на позитивно да ми се зголеми бројот на пораки во сандачето како прават резултати, како се сакаат себе, како сакаат да вежбаат и останати позитивни коментари.