На кафе со д-р Горан Трајковски

Специјализант по интерна медицина во Баварија, Германија и еден од најпопуларните доктори на инстаграм

Доктор Tрајковски, веќе една година живееме во страв, целосно ни е променето секојдневието, се она што порано го сметавме за нормално, лесно достапно, сега го нема. Се гледа ли светло на крајот на овој темен и тежок период? Дали според вас има надеж за брзо стабилизирање на ситуацијата со Covid-19 на светско ниво?

Мислам дека релативно брзо се навикнавме на новата ситуација и по тоа што го гледам на социјалните медиуми многу страв и не ни е :). Слики во кафичи/кафани без маски, без држење дистанца се секојдневие. А нас лекарите веќе скоро и ни е незгодно да повторуваме колку тоа е важно во ситуацијава.

Сметам дека до крајот на летото ќе се смири ситуацијата во повеќето земји, а на светско ниво до крајот на годината очекувам драстично намалување на бројките и последователно опуштање на мерките. Посебно почетокот на вакцинирање носи дополнителна надеж.

Пред само неколку дена ја примивте првата доза од вакцината на BioNtech/Pfizer за SARS-COV2 вирусот. Како се чувствувате? Дали беше тешко да донесете одлука дали да се вакцинирате?

Се чувствувам исто како и претходно, 2 дена имав болки во рамото на местото на убод. 21 ден по првата доза следи втората. Но веќе и по првата доза се очекува имун одговор (можеби не толку специфичен) и во случај на зараза поблаги симптоми.

Одлуката да се вакцинирам не беше тешка бидејќи не гледав некоја добра алтернатива.

Што би им препорачале на оние кои не сакаат да се вакцинираат или пак се двоумат дали да се вакцинираат или не?

Би им препорачал да размислат кои се причините што не сакаат да се вакцинираат и зависно од тоа да направат следен чекор. Дали е тоа страв од новата мРНК вакцина? Тогаш нека се одлучат за некоја од другите. Дали е страв од несакани реакции? Тогаш нека ги разгледаат можните чести последици од Ковид-19. Дали е страв од внесување на непозната материја во своето тело? Тогаш би препорачал детално да ја прочитаат листата на супстанци кои секојдневно ги внесуваат со купената храна и можните ефекти од истите.

Во главно најгласните противници се младите луѓе за кои што во првиот период секако ќе нема вакцини. Еве ние здравствените работници нека служиме како „експериментални глувци„, па на база на нашите искуства нека одлучи секој понатаму за себе.

За ризик групите вакцината е секако најдобрата моментална опција.

Тие што ги сакаат теориите на заговор нека погледнат од овој аспект: Која е таа влада што намерно ќе си ги „отруе„ сите здравствени работници и предизвика распад на здравството? Логистички би било лош чекор. 

Но, со сето тоа кажано сепак мислам дека секој треба да има право на свој избор, се разбира одредени рестрикции во тој случај се очекувани.

Овој есенско-зимски бран на глобално ниво не ја губи силата, дневните бројки на заболени постојано се високи. Како е во моментов ситуацијата во Германија?

Во Германија за прв пат гледаме пад на новите инфекции што во најголем дел се должи на заострените немедицински мерки и продолжениот распуст на училиштата, а наскоро се надеваме и на дополнителен ефект од започнатото вакцинирање.

Дали ја следите состојбата со Covid-19 во Македонија? Според вашето искуство дали правиме доволно?

Мислам дека може да се рече сме направиле доволно кога секој поединец ќе го вложи својот максимум во превенција на ширење на заразата. Тој впечаток го немам. Инаку секоја држава презема мерки согласно стручните препораки но и зависно од специфичните економски, социјални, демографски, културни, како и инфраструктурни особености на истата.

Докторе, товарот врз здравствените работници во целиот свет е голем, од почетокот на здравствената криза и вие сте активно вклучен во борбата за здравјето на вашите пациенти. Како се опуштате по долгиот напорен работен ден? Дали успевате да најдете доволно време за себе и на кратко да ги тргнете мислите од целата оваа ситуација и сите случувања во болницата?

Во нашата професија работниот психофизички стрес е очекувано голем. За жал товарот на секојдневните одлуки и случувања го носиме и дома. Колку и да се обидувам да ги оттргнам мислите, од време на време ќе пролета некој пациент или некоја одлука/случка од денот низ главата. Кога бев почетник често и во сон или пред заспивање ми се вртеа таквите мисли. Се будев навечер мислејќи дали сум го запишал правилниот лек кај пациентот.

Дополнителен товар е засилената тријажа која ни ја наметна пандемијата.

Често средношколците ме прашуваат за препорака дали да запишат медицински факултет.

(Ќе искористам јавно да одговорам)

Она што не е толку јасно кога се почнува медицинската едукација е тоа што медицината сама по себе е голема телесна, психичка и емотивна жртва. Таа е тешка и бескрајна наука.

Но и чудесна, се изучува самата креација на човекот. Ако успееш да го задржиш интересот кон тоа ќе биде полесен патот. А ако те мотивирал филмот „Анатомијата на Грејс„ можно е многу брзо да изгубиш интерес.

Благодарение на долгите и чести ноќни смени медицинската професија е зголемен ризик за рак, депресија, сообраќајни незгоди, а води и до зголемена смртност (морталитет) од било која болест (all cause mortality) во споредба со општото население.

Со текот на времето се стекнува искуство, а со тоа и самодоверба.

Време за себе скоро и немам, што и не  е толку лошо бидејќи кога се посветуваме на другите сме поисполнети, а и егото нема толку време да ни раскажува некои од неговите самоизмислени драми. Товарот станува помал кога сум дома со фамилијата, кога вежбам и кога сум неколку дена слободен од работа.

На инстаграм имате огромен број на следбеници, тука ве нарекуваат и најпознат инстаграм доктор. Дали очекувавте дека ќе стекнете толкава популарност?

Хм, кога започнав со Инстаграм тоа беше место каде ја изразував својата креативна страна и место за комуникација со пријателите од Македонија. А очекувања/предвидувања постојат секогаш, дел од нив позитивни, дел негативни. Најчесто се остваруваат оние во кои вложуваме труд и време. Јас вложив многу енергија во медицинска едукација преку мојот профил и луѓето се благодарни за тоа. Некои мислат и дека сум смешен :).

Популарноста  (кога веќе ме нарековте популарен) е меч со две острици. Има свои добри страни и привилегии но носи и одговорност, тежина па и неудобни моменти.

Голем товар се  пораките кои ги добивам каде секој бара некој совет за себе со надеж дека ќе си најде решение за проблемот. Иако би сакал да помогнам на сите и на почеток кога имав малку следачи го правев тоа, сега веќе за жал е временски невозможно.

За крај, дали ви недостига Скопје и како би го опишале во само три збора?

Секако дека ми недостига: мој, валкан, прекрасен град!