На кафе со Бранко Попоски

Бранко Попоски познат по псевдонимот Cooking with Branko.

Како изгледа едно утро на Бранко Попоски? Дали имаш некои утрински ритуали?

Секое утро ми е различно. Тоа ме радува, затоа што сум динамична личност која одредени работи доколку се повторуваат повеќе пати ми стануваат монотони, па затоа морам да се прилагодувам и да менувам, но сепак едно е константно, а тоа е турско кафе, музика на најјако, отварање на ролетни и гледање во телефон што се случило во последните осум часа. Ги сакам утрата, без разлика дали се дождливи, сончеви или тмурни .. во се пронаоѓам нешто убаво, нешто ќе ми го направи денот волшебен.

Која е твојата асоцијација на скопско, а која на вевчанско утро?

Кратко: Скопско утро  – врева пред зграда, тропање на штиклите на мојата комшивка која трча за на работа и подготвување на мојот точак за возење низ денот.

Вевчанско утро – мирисот на топло лепче од фурната на мајка ми, жуборот на потокот пред мојата куќа, шумот на листовите, благото и пријатно ветре, играта со моето куче Бак и турското кафе со поглед на охридско-струшката околина и Охридското езеро.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Секогаш! Го засакав многу! Секој ден ми е насмевка во Скопје!

Омилена скопска дестинација?

Водно. Посебно after-work искачување од Кочо Рацин до Крстот.

Омилен скопски традиционален рецепт?

Скопско ќофте во сос од домати, ситно сецкан лук и сува пиперка

Еве го и рецептот:

1 кг мешано мелено месо

100 гр сварен ориз

1 поголем кромид, ситно сецкан

2 јајца

7 лажици презла

1 лажица мешан сув зачин

сол и бибер

малку мелена црвена пиперка

масло за пржење на ќофтињата

На Скопје му недостасува…

Љубов, зеленило, меѓусебно разбирање и поголема грижа од сите нас.

Скопје во само три зборови…

Наше, Шарено и Вкусно.

Како започнува готварската приказна Cooking with Branko?

Во нашето семејство сѐ е поврзано со готвењето. Мајка ми е голем љубител на готвењето, а татко ми е угостител. Што значи дека корените на мојата љубов кон кулинарството се длабоко таму, а главниот виновник е мајка ми. Таа, уште кога имав 3-4 години, ме учеше да месам тесто, да правам кифли, пити, ѓомлезец (кашаник)... Оттогаш почнав да ги чувствувам мирисите на кромид, на зачини, на брашно, на свежо печено тесто. Цел живот готвам, но онака сериозно, пред камери за широка публика, за видни личности, со сериозни и успешни експерименти во готвењето, почнав пред два години и тоа многу лесно и едноставно. Приказната започна од лист хартија и пенкало.  

Дали COVID-19 и периодот кој го поминавме во карантин беа идеален период за креативно остварување?

Ковид-19 - Лекција дека е време за прилагодување на промените. Ова беше период кога открив многу работи поврзани со себеси, а не ги знаев до тогаш. Креативното размислување е секогаш тука, и пред Ковид-19 и после Ковид-19.

Дали новонастанатата ситуација со глобалната пандемија донесе и нови навики во работењето и секојдневното реализирање  на обврските?

Со глобалната пандемија започна нова ера на живот. Нови навики, одржување на социјална дистанца, реализирање на работните обврски на поразличен начин. Концетрацијата овој период беше насочена на прилагодување на сите активности поврзани со готвењето и проектот се со цел максимална заштита при комуникацијата, и задржување на ефикасноста. Можам да кажам дека го вложив максимумот кога е во прашања задржување на растот на Cooking with Branko.

Кои се твоите следни работни предизвици? Во која насока би сакал да се развива твојот кулинарски проект Cooking with Branko?

Пред една недела го започнав мојот нов проект Food&Wine ЕXPERIENCE кој беше лансиран со настанот „Тhe other side of truth“ во лозјата во Винаријата Сопот. Горд сум што за прв пат во Македонија беше организиран настан со храна, вино и музика среде лозје.  Ова е ново продолжение од проектот интимни настани со Cooking with Branko, но овојпат во нова димензија. Време е за максимално уживање во храната, освојување на нови и несекојдневни дестинации преку кои ќе се овозможи максимално искуство и задоволство за сите присутни. Продолжуваме да освојуваме!