На кафе со Бојана Стојменовиќ

Психолог, семеен и системски советник

Како се прилагоди вашата професија, вашето работење на кризата со Covid-19?

Мислам дека кризата со  Covid19 навлезе во секоја спора од општеството, па ниту една професија не остана незасегната и ставена пред нови предизвици. Повеќето мои колеги и колешки, а меѓу нив и јас веќе години наназад како дел од своите услуги го нудеа и онлајн советувањето, но до сега тоа беше прифатлива опција за мал број на луѓе. Зборувам мал број на луѓе не затоа што останатите ја немале таа опција, туку поприфатлива била за оние клиенти кои често патуваат надвор од земјата, работат или живеат надвор од земјата, местото на живеење налага дополнителни патни трошоци и сл. Пандемијата според мене некако успеа ја посочи и предноста на онлајн советувањето, ставајќи ја во преден план достапноста на психологот/терапевтот и психолошката помош и поддршка.

Дали како психолог и вие и вашите колеги, бевте подготвени да се соочите со ваквата криза? Дали добивте некој протокол насоки како да работите со луѓето кои ве посетуваат?

Никој не беше подготвен за соочувањето со кризата. Насоки секако се добиваа и се споделуваа, меѓусебната колегијална поддршка исто така беше од особено значење кое лично мене многу ми помогна во гледањето на очи во очи со пандемијата.

Карантинот, затворањата, притисокот да не дојдеме во контакт со вирусот, одалеченоста од блиските луѓе, целата оваа ситуација влијае многу на секој поединец.

Како да се остане присебен и смирен, да се намали она чувство на страв и несигурност?

Ова е мислам едно од најпоставуваните прашања изминатиов период за кој нема еден и конкретен одговор кој ќе функционира за сите луѓе кои се прашуваат за истото. Прво, мораме да ја прифатиме ситуацијата заедно со стравот, несигурноста и непредвидливоста која што ја носи со себе. Во одредена мера, сосема е во ред да се чувствуваме уплашени и несигурни и би требало да си ги уважиме тие чувства и доживувања, наместо да бегаме од нив. Секој човек има различни механизми, стратегии и снаги за справување со стресни ситуации, па затоа одговорот би бил многу општ, а сепак и многу индивидуален. Често им кажувам на клиентите:

1. Социјална изолација не значи и емоционална изолација односно одржувајте ги контактите со луѓето без разлика каде и да се наоѓате, за тоа можете барем денес да ја употребувате и технологијата;

2. Комуницирајте- односно не се плашете да споделите со блиските и со пријателите како се чувствувате, особено ако стравот е засилен одреден период, не се срамете да споделите, туку побарајте поддршка од потесниот круг;

3.Размислете кои активности успеваат да ве отргнат од секојдневието и да ви поттикнат позитивни доживувања, мисли и чувства, а потоа размислете како нив почесто да ги практикувате (без разлика дали станува збор за физичка активност, читање, сликање, пешачење…)

4. Доколку сметате дека е потребна и  психолошка помош и поддршка, не се колебајте и размислете за таа опција. Не сте сами.

4. Сведоци сме на многу различни реакции на луѓето на Covid-19? Постои процент на луѓе кои не веруваат во вирусот. Зошто според вас, некои живеат во страв, а други упорно не ги слушаат препораките и ги кршат сите протоколи?

Ова однесување на луѓето во пандемијата е од особен интерес на психолозите кои се занимаваат со социјалната психологија. Баш неодамна читав еден извештај кој вели дека луѓето кои повеќе веруваат во теориите на заговор всушност на тој начин наоѓаат утеха во целата непредвидливост и не можност да се контролираат настаните кои следат. Од друга страна како што поминува повеќе време (а веќе помина цела една година), расте и фрустрацијата, па не ме изненадува што се повеќе луѓе ги кршат протоколите. Можеби треба да се размисли да се изнајде ново системско решение при воведување на нови протоколи, па да се консултираат и психолозите во однос на ова прашање.

5. Кои се начините на кои луѓето може да бараат поддршка во ова време од пријатели, колеги, најблиски?

Зависи од потребата која е повеќе присутна. За некого можеби потребата за емотивна поддршка ќе биде повеќе засилена, а за некого можеби економската, односно финансиската. Не треба да заборавиме дека сите поминуваме низ истиот процес, а пред да побараме поддршка добро е да размислиме од кого можеме да го добиеме она кое што ни е потребно во моментот.

6. Што е со децата, скратени им се најосновните работи не можат слободно да си играат со врсниците, родендените се прават без другарчиња, голем дел се постојано затворени дома. Кој е вашиот совет до родителите, како да се однесуваат, што да направат да им го олеснат целиот овој период на дечињата?

На сите нас ни се скратени најосновните работи, не само на децата. Потребата за комуникација, одржување на близина, да бидеме слушнати, видени и допрени сето тоа е во дефицит кај сите возрасни категории. Мислам дека родителите за нијанса имаат засилен притисок во однос на ова прашање затоа што балансираат (или барем се обидуваат) помеѓу своите и потребите на децата. Секое детенце е посебно и различно, па затоа најтопло препорачувам доколку родителите имаат голем предизвик во однос на ова прашање да се консултираат со психолог кој би им помогнал и би им дал насока соодветна на потребите на детето, а сепак и насока како да се заштитат и себе си од родителско прегорување, кое се повеќе го гледам периодов.

7. За крај, како до подобра грижа за менталното здравје во услови на глобална пандемија?

Менталното здравје треба да е наш приоритет исто како и физичкото здравје и пред и за време на пандемија и за после неа. Мислам дека пандемијата и покрај сите непријатни околности и доживувања успеа да ја потенцира улогата на менталната хигиена кај секој еден поединец. Ако можам да дадам неколку насоки за овие услови во кои се наоѓаме сега тоа би биле: 1.Лимитирајте време поминато пред телевизија и време поминато на социјални мрежи. 2. Размислете кои информации ви се важни и од кои извори истите ги прибирате. 3. Поминете време со блиските онлајн или офлајн, размислете кои опции ги имате, а сепак да бидете безбедни. 4. Социјална дистанца не значи и емоцинална дистанца. 5. Најдете време за себе, каде што умот ќе го исклучите од секојдневието. 6. Доколку сметате дека вашето ментално здравје е засегнато и потребна ви е насока и поддршка, не се колебајте да контактирате психолог/терапевт.