На кафе со Биба Додева

Позната пејачка и Претседател на здружението „Борка“ 

Како изгледа едно утро на Биба Додева? Дали имаш некои утрински ритуали?

Кажувам фала за новиот ден… и правам кафе. Последниов месец ритуално си земам алое вера на гладно, како и секоја дисциплинирана баба која сака да остане во топ форма :)))

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Сонце и магла, расцветани липи и паднати лисја во разнобојни бои, гужва во сообраќај и празни неделни улици рано наутро.. .. Скопје е и црно и бело ама се уште дише во сите бои.. Само ако се загледаш малку подобро и ќе ја видиш магијата …

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Пред нова година... Тогаш гледам најмногу насмеани луѓе… Мириса на топли костени и љубов…

На Скопје му недостасува...

Чист воздух, чисти мисли, чисти луѓе.. и системско решавање на голем број од проблемите со кои се соочуваме во нашето секојдневие. Многу работи може лесно да се променат, но потребна е дисциплина и конкретни, долгорочни решенија. Но, дисциплина и кај нас, луѓето.  Да сфатиме дека никој не ни е должен да го собира ѓубрето позади нас… 

Скопје во само три збора...

Есен во мене.

Благодарение на тебе и тимот на Борка, во земјата се слушна гласот на жените кои се соочуваат и борат со ракот на дојка. Изминатите години постигнавте многу, постојано сте активни и работите на подигнување на свеста на граѓаните, гласно зборувате за нивните потреби.  Постои ли нешто што досега не успеавте да го реализирате како проект, а кој силно посакувате да се реализира?

Јас сакам да нема рак. Ете тоа не сум успеала да го направам...

Тоа е една од најтешките дијагнози кои го менуваат човештвото, бидејќи ракот не е само болест на поединецот, туку и на целото семејство.. На општеството. И никогаш после ракот не си ист. Без оглед на тоа дали лично си бил допрен или некој твој близок..

Секој ден е Сизифова борба. Да едуцираме што повеќе луѓе за начините на превенција и рано откривање, да информираме што повеќе  пациенти за својата болест, да помагаме на луѓе кои се борат против ова зло, да правиме промени во нашиот здравствен систем, со цел и овие луѓе кои се соочуваат со ракот, да имаат поквалитетен живот и да можат успешно да се изборат со болест. Некогаш имаме успех, ама некогаш, губиме прекрасни луѓе прерано… Кога се соочуваш со болест која е епидемија во светски рамки и со која никогаш не го знаеш резултатот, секој ден е нов предизвик. Јас би сакала ни еден човек, ни едно семејство да не биде допрено од ракот. Ни едно дете да нема по болниците и да не гледам болка и солзи кај никој..

За крајот, на какви проекти ќе работите во наредниот период со Здружението, но и какви се твоите планови, ангажмани за музичката кариера?

БОРКА продолжува во полна пареа. Ги продолжуваме едукациите низ средните училишта за самопреглед на дојка, продолжува караванот за едукации низ градовите, во тек е подготовката и активностите на Националната стратегија за контрола на ракот, секојдневното работење во центарот на БОРКА со пациентите и секако еден куп на нови проекти кои се предвидени за следната година…

Што се однесува до мојата музичка кариера во наредниов период планирам да издадам уште еден сингл па здравје, следната година, нов албум. Им ветувам на моите обожаватели дека почесто ќе бидам присутна со музиката, особено со настапи каде што ќе можат да дојдат и во  живо да се дружиме. Ми фали нивната енергија и љубов која често ја добивам на настапите.  Веќе сме во подготовка на нова песна со Ана Бунтеска и Дојчин, па многу, многу наскоро ќе чуете нова песна!