„На хоризонтот се сѐ повидливи силуетите на јавачите на апокалипсата“ - Доктор Даниловски со колумна за Скопје

Познатиот доктор Драган Даниловски од Скопје, на својот фејсбук профил редовно објавува колумни на актуелни теми. Овој пат, свое видување сподели за Скопје и актуелната атмосфера во градот. 

 - Градот деновиве налик на сцена од некој црно-бел, „noir“ филм од времето на „Големата депресија“ во триесеттите години. Оловна плоча надвиснала над градот. Ретки мижуркави улични светилки, обвиткани со треперливи халоа, едвај се наѕираат низ темнината и низ густиот, токсичен воздух што го сече грлото како нож. И години наназад така е, додуша... Одвратна смрдеа од купиштата ѓубре покрај преполнетите контејнери. Морничави врисоци на мачки што го разнесуваат наоколу. Глутници изгладнети кучиња бесцелно талкаат по улиците демнејќи ретки, осамени минувачи. - пишува тој на почетокот. 

-  Во медиумите „врие“ од вести за улично, училишно, семејно насилство... Ерос и Танатос на најјако! Сите погоре опишани појави се должат на несвесни одбранбени механизми за самоизмама со кои луѓето се обидуваат да се заштитат себеси од чувствата на страв, вознемиреност, безнадежност, беспомошност! - пишува Даниловски. 

Многумина ќе се согласат со напишаното на познатиот доктор кој е гласен и реален за голем број општествени теми и проблеми. 

Колумната ја завршува со следново: 

- Страв, кој поприма енормни размери откако и „со голо око“ на хоризонтот се сѐ повидливи силуетите на „јавачите на апокалипсата“! Заради што сѐ поинтензивно на сцена се психолошките одбранбени механизми кај граѓаните. За да се потисне стравот. Да се глуми „нормалност“. Да се издржи денот.

И така, ден за ден...