На Хематологија со трансплантација спасен животот на 22- годишен пациент

Прва несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки минатата недела првпат во Република Македонија, успешно е извршена на Универзитетската клиника за хематологија врз 22-годишен пациент од Скопје. Со овој зафат македонското јавно здравство стана дел од мапата на светските и европски медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција истакна дека досега за ваква трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител пациентите се испраќаа во странство, а од сега веќе нема да се малтретираат ниту семејството, ниту пациентите и ќе се направи огромна заштеда на финансиски средства од Фондот за здравствено осигурување, заради тоа што сме дел од Европскиот регистар за матични клетки со чија помош матични клетки се лоцирани во една од европските земји, донесени се на Клиниката и се успешно се трансплантирани на пациентот.

– Оваа процедура од сега редовно ќе им биде на располагање на сите наши пациенти кои боледуваат од малигна болест на крвта и на кои им е потребна трансплантација. Дополнително ќе ги разгледуваме моделите кои ќе го зајакнат јавно здравствениот сектор, во блиска иднина на развивање на моделите на јавно приватно партнерство, за да обезбедиме инфраструктура таму каде недостига, а ќе работиме и на покревање на нивото на експертиза на нашите лекари преку едукација во странство или носење странски експерти кај нас, рече Филипче.

Додаде дека ќе работат на зголемување на инвестициите во јавното здравство, а во смисла на покревање на платите на сите здравствени работници.

Директорот на ФЗОМ, Ден Дончев рече дека една ваква трансплантација во странство во просек изнесувала до 120.000 евра, а опсегот можел да биде од 90.000 евра до 250.000 евра.

– Со овој проект во наредните години значителен износ на пари ќе се заштедат во ФЗОМ, што ќе ги распределиме во други области каде имаме потреба, додаде Дончев.

Директорката на Универзитетската клиника за хематологија, Ирина Пановска-Ставридис посочи дека во јавното здравство во Македонија сега има услуга еднаква, унифицирана како во сите светски центри.

– Овој значаен исчекор напред во покревање на квалитетот на здравствените услуги ќе беше невозможен без поддршката на Владата, Министерството за здравство и ФЗОМ. Се отвора можност и пациенти странски осигуреници да ја побараат оваа услуга во нашата држава, додаде Пановска-Ставридис.

Одговарајќи на новинарско прашање таа рече дека пациентот е стабилен, се чувствува добро, меѓутоа следи период од 180 дена кога ќе треба да биде во посебни услови додека потполно не ги прифати донираните хематопоетски клетки.

– Досега годишно во просек околу 20 пациенти се упатувани во центрите во странство за трансплантација на матични хематопоетски клетки. Пациентот не чека, доаѓа, го дијагностицираме, прима терапија, постигнува ремисија, доколку има потреба од трансплантација најпрво се тестираат членовите на семејството, ако има донор од нив се прави алогена сродна трансплантација, а во спротивно пристапуваме кон барање на несроден донор. Има уште четири пет пациенти кои се потенцијални да поминат низ процесот на несродна трансплантација, додаде Пановска-Ставридис.