На Халкидики туристите пливаат додека багерите ги уредуваат плажите

По силното невреме и поплавите кои изминативе денови ја зафатија Грција, посебно полуостровот Халкидики, времето вчера било претежно сончево, а ситуацијата на местата погодени од бурата постепено се нормализира, пренесуваат тамошните медиуми.

Во некои одморалишта најмногу погодени од невремето и натаму се очигледни последиците од поплавата, а градските плажи на тие места не се препорачуваат за пливање бидејќи водата е нечиста. На други места, пак, туристите не губат време и пливаат додека багерите ги уредуваат плажите, пренесуваат локалните медиуми.

Периодов, нестабилни временски услови преовладуваат над целиот Балкан, но најмногу беше погодена Грција, каде што многу плажи и улици беа под вода, која на некои места носеше и автомобили. Потсетуваме, најкритично беше на Халкидики, поточно средниот крак, Ситонија, каде што беа поплавени куќи и други објекти. Во селото Никити беа поплавени патиштата, а водата кон морето повлече повеќе возила. Реката покрај Агиос Николаос се излеа од своето корито, а гостите беа евакуирани од хотел во близина на градот Пиргадикија.