
Манастирот „Св. Наум“ кај Охрид, едно од најзначајните православни светилишта во земјава, се соочува со проблем кој повторно го отвора прашањето – кој го контролира однесувањето на туристите во црквата и кој се грижи за почитување на правилата?
Во фејсбук групата „Патувања низ Македонија“ е објавено сведоштво од посетител кој вели дека вчера, околу 9 часот, поминала речиси два часа во манастирот и дека во тој период атмосферата била мирна и тивка.
Но, според нејзиното сведоштво, ситуацијата значително се променила околу 10 часот, кога започнале да пристигнуваат поголем број туристи, меѓу кои, како што наведува, имало и туристи од Турција и Италија.
„Убаво на влезот си пишува дека е забрането користење фотоапарати и мобилни телефони, ама на нив најверојатно никој не им кажал“, вели посетителката.
Таа тврди дека дел од туристите ги ваделе телефоните и фотографирале, правеле селфи фотографии, а некои од нив, според нејзините зборови, се доближувале и ги допирале иконите и фреските.

Посетителката сведочи и дека кај една од фреските забележала изгравирано име, што дополнително го отвора прашањето за заштитата на црковното и културното наследство од несовесно однесување на посетителите.
Особено ја погодило, како што вели, однесувањето на дел од туристите кај гробот на Свети Наум.
„На гробот на Св. Наум се кикотат и се играат. Им објаснував дека тоа е наше светилиште, а не споменик како атракција. Само ме гледаа и ништо“, раскажува посетителката.
Таа потоа разговарала и со продавачот на свеќи пред манастирот, кој, според нејзиното сведоштво, бил запознаен со ваквиот проблем, но ѝ кажал дека нема решение.
Токму ова отвора низа прашања за тоа дали во манастирскиот комплекс постои лице задолжено за контрола на однесувањето на посетителите, дали забраната за фотографирање и снимање навистина се спроведува и дали постојат механизми за заштита на фреските, иконите и останатото наследство.
Прашањето е особено важно бидејќи Охридскиот регион, со своето природно и културно наследство, е впишан на листата на светско наследство на УНЕСКО.
Затоа, наместо само предупредување на влезот, се поставува прашањето дали се потребни дополнителни мерки – вработени или редари во внатрешноста, известувања на повеќе јазици и постојана контрола – со цел храмот да остане пред сè место за молитва и духовен мир, а не простор во кој посетителите ќе се однесуваат како да се на туристичка атракција.
