На градот му требаат 330 пожарникари а има 189, доволно ли се?

Состојбата со пожарите во главниот град но и генерално во државава го вклучува алармот да се размисли како е опремена противпожарната служба. Имаат ли доволен број на вработени и со какви средства за работа располагаат ? 

Според информациите во моментов Град Скопје располага со 189 пожарникари, наместо со потребните 330. Дека бројот на професионални пожарникари не е на задоволително ниво признава и градоначалникот Петре Шилегов, кој вели дека во последните десетина години, пожарникарите кои заминувале во пензија не биле заменувани со нови. Очигледно е дека недоволен е бројот на пожарникари за справување со пожарите кои избувнуваат во скопскиот регион.

Тој најавува нови вработувања, а тврди и дека веќе е почната постапка за набавка на нови возила за гаснење пожари и нови противпожарни скали:

„Очекувам во рамки на преговорите што ги имаме со Владата дотациите што ги имаме за одржување на пожарникарската служба да бидат подобрени и дека до крајот на оваа или на почетокот на следната година ќе отвориме конкурс за нови 50 пожарникари, со што бројката би достигнала околу 250-260 лица вработени во Противпожарната служба. Знаете како велат- пожарникар можеби ќе ви затреба еднаш во животот, но го плаќате цел живот што е сосема во ред бидејќи тие се херои“.

Шилегов истовремено апелира до земјоделците  да не ги палат стрништата и земјоделските површини, особено во вакви временски услови кога температурите се високи.

Тој укажа и дека Градот ќе врши засилени инспекциски контроли на терен и соодветно ќе биде санкционирано секое палење на стрништа, плевели и на други растителни отпадоци.

„Сакам да ги потсетам земјоделците дека палењето стрништа е казниво со закон. Досега ваквите палења не беа санкционирани поради тоа што на земјоделците не им беше понудена алтернатива за овој вид отпад. Сега нудиме решение кое ќе биде ефикасно, а најважно е тоа што нема да претставува дополнителен трошок за граѓаните“, изјави Шилегов.

Инспекторите на Град Скопје имаат можност да снимаат со дронови, што ќе го скрати времето наменето за обиколување на земјоделските површини, а ќе даде точна локација по имотен лист за имотот на кој се пали растителен отпад. Во период до 30-ти септември Градот Скопје ќе им биде на располагање на сите земјоделци кои имаат каков било отпад од берба и  истиот бесплатно ќе се отстранува од полињата како би се спречило негово палење. Сите земјоделци од скопските општини може да се пријават на телефонскиот број 071 395 395 и на вработените во Град Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден од 08 до 20 часот, а Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собира растителниот отпад и ќе го одлага во Дрисла.