
На 10 октомври 2016 година, во пресрет на празникот 11 Октомври, свечено беше означено завршувањето на најобемната реконструкција, доградба и надградба на зградата на Собранието од нејзината изградба во 1938 година.
Градежниот зафат траеше шест години и се реализираше во период на три парламентарни состави. На свеченоста пред точно една деценија беше отворена и Големата сала, а тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски реконструкцијата ја опиша како најобемна и најсложена дотогаш.
Зградата на Собранието е една од најпрепознатливите монументални градби во центарот на Скопје. За нејзино проектирање бил распишан конкурс уште во 1930 година, а објектот бил изграден во 1938 година според проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак. Архитектонски е оформен како надворешен петаголник со внатрешен двор и бил осмислен во модерен архитектонски јазик за времето во кое е граден.

Зградата е во употреба од 1939 година, првично како Управна палата. По ослободувањето на Скопје во 1944 година во неа биле сместени институциите на новата македонска народна власт, меѓу кои Народното собрание и Владата.
Низ децениите објектот повеќепати бил доградуван и реконструиран. Во периодот од 1954 до 1963 година биле изградени нови сали и уредени дел од свечените простории, а по скопскиот земјотрес во 1963 година, кога зградата била значително оштетена, следувале големи зафати за нејзино санирање.
Десет години подоцна, реконструкцијата завршена на 10 октомври 2016 година останува еден од најголемите градежни зафати во поновата историја на собраниската зграда.