На денешен ден почина Пеце Атанасоски – гајдаџијата кој ја прослави македонската музика во светот

На 14 септември 1996 година во Скопје почина Пеце Атанасоски, еден од најпознатите македонски гајдаџии и собирачи на народно творештво.

Со својот инструмент тој настапуваше секаде низ светот, освојуваше меѓународни награди и со децении работеше на зачувувањето на македонскиот фолклор.

Атанасоски бил професионално ангажиран во Радио Скопје, а од 1950 година бил дел од Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“. Подоцна станал раководител на Оркестарот од народни инструменти во Радио Скопје, а работел и како кореограф со повеќе културно-уметнички друштва.

Неговата гајда го однела многу подалеку од македонската сцена. Атанасоски освоил 19 меѓународни награди, а во 1968 година, на фестивал во Ериче, Италија, во конкуренција со околу 1.800 гајдаџии од целиот свет, го освоил првото место и наградата „Златна гајда“.

Но неговото значење не било само во настапите. Атанасоски бил и вреден собирач на македонски народни песни и ора. Зад себе оставил огромна фолклорна збирка од околу 20.000 песни и ора, со што придонел дел од традицијата да биде зачувана и документирана.

Во 1973 година, Атанасоски го основа  Долненскиот фестивал на народни инструменти и песни. По неговата смрт фестивалот го добил неговото име и денес се одржува како Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“ во Долнени.

Интересен дел од неговата кариера е и соработката со популарната музика. Во 1984 година, Атанасоски со својата гајда ја придружувал групата „Бијело дугме“ во песната „Липе цвату“, покажувајќи дека традиционалниот инструмент можел да најде место и во сосема поинаков музички контекст.

Неговата работа е препознаена и надвор од фестивалските сцени. Како признат народен инструменталист, држел часови на универзитети во различни делови од светот, од Лос Анџелес до Токио.

Пеце Атанасоски почина на 14 септември 1996 година, но неговото име остана поврзано со македонската гајда и со Долнени, местото од кое потекнувал и каде што започнала неговата долгогодишна посветеност на изворната музика. Денес фестивалот што го носи неговото име продолжува да ги собира оние што ја чуваат традицијата на народните инструменти и песни.