На денешен ден е родена Есма – кралицата на ромската музика која пееше пред Тито и Ганди

На денешен ден, 8 август 1943 година, во Скопје е родена Есма Реџепова-Теодосиевска, една од најпознатите македонски музички уметници и пејачки, која повеќе од пет децении настапуваше на сцени ширум светот.

Есма беше петто од шесте деца на Ќанија и Ибраим Реџепови. Растеше во скромно семејство во Скопје. Нејзиниот татко Ибраим ја загуби едната нога во бомбардирањето на Скопје во 1941 година, а семејството го издржуваше работејќи различни работи, меѓу кои и како чистач на чевли.

Есма почна да пее уште како девојче. Настапуваше во училишни приредби, а во 1957 година победи на меѓуучилишен натпревар во пеење во Сарај. Нејзиниот талент го забележа Стево Теодосиевски, кој подоцна дојде во домот на семејството Реџепови и побара дозвола таа да настапува со неговиот ансамбл. Така започнала нејзината професионална кариера.

Есма стана дел од ансамблот „Теодосиевски“ и започна да настапува низ Македонија и другите републики на тогашна Југославија. Во 1961 година првпат настапуваше надвор од земјата, на двомесечна турнеја во Бугарија. Соработката со Стево Теодосиевски со текот на времето прерасна и во љубов. Двајцата се венчаа во 1968 година и заедно ја градеа музичката кариера. По смртта на Стево во 1997 година, Есма продолжи да настапува и да создава музика.

Повеќе од 500 снимени песни

Во текот на кариерата Есма сними стотици песни и одржа илјадници концерти. Македонската енциклопедија наведува 586 снимени песни и повеќе од 15.000 концерти, додека самата Есма во интервјуа зборуваше за повеќе од 22.000 настапи. Со ансамблот „Теодосиевски“ сними повеќе од 100 синглови и голем број албуми, а настапуваше во Европа, Азија, Северна и Јужна Америка и Австралија. Пееше најмногу на ромски и македонски јазик, но снимаше и на српскохрватски, турски, хебрејски, грчки и хинди.

Меѓу нејзините најпознати песни е „Чаје Шукарие“, која стана една од најпознатите ромски песни во светот. Во 2006 година песната беше искористена во филмот „Borat“. Есма подоцна реагираше дека песната била употребена без нејзина согласност и поднесе тужба против продуцентите, по што доби отштета.

Настапуваше пред светски личности

Есма настапуваше на големи светски сцени и пред бројни познати личности. Меѓу нив беа југословенскиот претседател Јосип Броз Тито и индиската премиерка Индира Ганди. Во 1976 година, на фестивал во Индија, Есма и Стево Теодосиевски беа прогласени за „кралица и крал на ромската музика“. Нејзината работа беше препознаена и надвор од музичките фестивали. Во 2010 година американското Национално јавно радио ја вброи Есма меѓу 50-те најголеми гласови во светот.

 

Грижата за деца и хуманитарната работа

Покрај музиката, Есма беше позната и по својата хуманитарна работа. Таа и Стево Теодосиевски згрижија и воспитуваа 47 деца. Дел од нив подоцна станаа музичари и настапуваа со ансамблот „Теодосиевски“. Есма редовно учествуваше на хуманитарни концерти и помагаше во акции за болници, деца, сиромашни семејства и луѓе погодени од природни катастрофи. Се залагаше и за правата на Ромите и за подобрување на положбата на ромската заедница.

За својата хуманитарна работа беше номинирана за Нобеловата награда за мир во 2002 и 2004 година.

Национален уметник и претставник на Македонија на Евровизија

Во 2010 година Есма го доби Орденот за заслуги на Република Македонија. Во 2013 година беше прогласена за Национален уметник на Република Македонија. Истата година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Малме заедно со Влатко Лозаноски – Лозано. Тие настапија со песната „Пред да се раздени“ во второто полуфинале и освоија 28 поени, завршувајќи на 16. место.

Есма Реџепова почина во Скопје на 11 декември 2016 година, на 73-годишна возраст. Зад себе остави повеќе од пет децении музичка кариера, стотици снимки, илјадници концерти и едно од најпрепознатливите имиња на ромската музика во светот.