На денешен ден е роден Ченто - човекот кој плати висока цена за своите ставови

На денешен ден, 17 август 1902 година, во Прилеп е роден Методија Андонов – Ченто, човек чие име е нераскинливо поврзано со создавањето на македонската државност.

Но зад познатата фотографија од АСНОМ стои животна приказна која е многу потешка и посложена отколку што најчесто се раскажува.

Ченто потекнувал од сиромашно селско семејство и по професија бил трговец. Уште како млад се вклучил во политичкиот и јавниот живот на Прилеп и соработувал со млади интелектуалци. Поради своите ставови за македонската национална посебност, бил означуван од тогашните власти како „сепаратист“ и „автономист“. Неколку месеци минал и во затвор. 

Едно од неговите клучни барања уште пред Втората светска војна било македонските деца да можат да учат на својот мајчин јазик и слободно да го зборуваат македонскиот јазик. Во 1938 година се кандидирал на парламентарните избори како независен кандидат на опозициската листа. Според податоците на Собранието, добил најмногу гласови меѓу опозициските кандидати, но не бил избран за пратеник поради начинот на кој бил спроведен изборниот систем. 

Потоа следуваат години во кои Ченто неколкупати бил затворан. 

Во 1940 година бил поврзан со организирањето на Илинденските демонстрации во Прилеп. Бил уапсен и испратен во Велика Кикинда. Во истиот период повторно се залагал за воведување на македонскиот јазик во наставата. Бил интерниран во Баина Башта и осуден на смрт. Според историските записи, дури бил изведен и пред стрелачки вод, но во последен момент, на 15 април 1941 година, бил ослободен.

Во 1942 година, под бугарската окупациска власт, бил интерниран во логорот „Чучулигово“, во близина на Петрич, каде останал до 1943 година. На 1 октомври 1943 година се приклучил на партизанското движење.

Една година подоцна, на 2 август 1944 година, на Првото заседание на АСНОМ, Ченто бил избран за претседател на Президиумот на АСНОМ.

Тоа е делот од неговата биографија што најчесто го знаеме. Помалку се зборува за она што следело потоа.

Ченто имал сериозни несогласувања со тогашното политичко раководство околу иднината на Македонија. Се залагал за поголема самостојност на Македонија, сопствен буџет и поголема финансиска независност. Се спротивставувал и на испраќањето на 15-тиот македонски корпус на Сремскиот фронт. На 14 март 1946 година поднел оставка од функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија. Неколку месеци подоцна бил уапсен. На 21 ноември 1946 година, по кратко судење, бил осуден на 11 години затвор. Бил испратен во Идризово, каде бил држен во таканаречена „специјална ќелија“, под посебен надзор. 

Она што особено ја прави неговата приказна тешка е фактот што, според достапните записи, додека бил во затвор му било нудено да признае дека погрешил и да се покае за своите ставови, со ветување дека потоа ќе му биде обезбеден подобар живот. Тој не го прифатил тоа. 

Од затвор бил пуштен по девет години и четири месеци, со сериозно нарушено здравје. Подоцна побарал дозвола од Тито да замине во Швајцарија на лекување, но барањето било одбиено. Починал во својот дом во Прилеп на 24 јули 1957 година. По неговата смрт, името на Ченто со децении било премолчувано. Не било нешто за кое слободно се зборувало во јавноста, а ретко се појавувало и во учебниците.

Дури во 1990 година, по барање на неговиот син Илија Андонов – Ченто, постапката против него била повторена. Пресудата од 1946 година била укината, а во 1991 година била поништена и одлуката од страна на Врховниот суд на Македонија. 

Колку навистина ја знаеме приказната за човекот кој беше првиот претседател на македонската држава?