На членови на управните тела на АСЈО им биле исплаќани надоместоци без да има седници, открила Ревизија

Според конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија за Академијата за судии и јавни обвинители за 2024 година биле утврдени одредени слабости и неправилности.

Конечниот ревизорски извештај покажал дека надоместоците на членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет биле исплаќани месечно и во целост наместо според присуството на одржаните седници.

Ревизорите констатирале и дека рокот за завршување на втората фаза од почетната обука на осмата генерација слушатели за судии и јавни обвинители бил надминат за три месеци, што довело до дополнителни исплати за ментори и координатори.

Во извештајот се наведува дека дел од договорите со менторите биле склучени по истекот на периодот на менторство, а биле исплатувани и средства за координатори и членови на комисии за оценување на практична настава иако нивниот статус и правото на надоместок не се утврдени со Законот за Академијата.

Ревизијата утврдила и надминување на законски утврдениот максимум за прекувремена работа и дека не е извршено претходно писмено известување до подрачниот инспектор на труд за воведување прекувремено ангажирање на вработените, како и исплата на прекувремени часови во денови кога на вработени им биле исплатени и дневници за службен пат во странство и за присуство на седница што се одржала во текот на полното работно време.