
Проектот за изградба и модернизација на брзата железница на Коридор 10 предвидува обемни интервенции на постојната траса, меѓу кои и изградба на нови тунели на делницата меѓу Скопје и Гевгелија.
Според проектната документација на Министерство за транспорт, железничката линија долж Коридор 10 треба да се трансформира во модерна, двоколосечна и електрифицирана пруга, со брзини до 160 км/ч за патнички и до 120 км/ч за товарен сообраќај.
Најголем зафат е изградбата на околу 19 нови тунели со вкупна должина од приближно 19 километри, сите на делницата меѓу Скопје и Гевгелија. Постојните шест тунели, со вкупна должина од околу 1 километар, нема да се користат за брзата пруга поради технички ограничувања и ниска дозволена брзина.
Проектот вклучува и изградба на мостови, подвозници и надвозници, како и поставување стотици илјади прагови и десетици илјади тони шини. Во документацијата се наведува дека количините се индикативни и ќе се доработуваат во понатамошните фази.
Модернизацијата на Коридор 10 има за цел да го зголеми капацитетот и брзината на железничкиот сообраќај и да ја подобри поврзаноста на земјата со Србија на север и Грција на југ, како и со пристаништата во Солун и Пиреја.