На Бит-пaзар цвета бизнисот - родителите ќе платат казна и до 800 евра доколку нивните деца активираат петарди

И оваа година Бит пазар пред новогодишните и божиќните празници е вистински панаѓур од пиротехнички средства. Иако е противзаконски, петарди и ракети од различен калибар се продаваат слободно на импровизирани картонски тезги пред очите на сите, па и на полициските службеници кои го регулираат сообраќајот околу пазарот.

Најчесто ги продаваат тинејџери кои многу љубезно ќе ви одговорат за цената и за начинот на употреба на петардите и ракетите. Па така, цената на петардите во зависност од количината на парчиња во кутиите се движат од 80 до 200 денари, додека ракетите се доста поскапи и нивната цена се движи од 1.200 до 2.000 денари. Како на први купувачи ни понудија попуст од 20 до 50 денари за кутиите со петарди, односно од 200 до 300 денари за ракетите. Во детали ни ја објаснија и постапката за активирање на ракетите.

Согласно Кривичниот законик, МВР би требало да има полни раце работа, бидејќи увозот на пиротехнички средства и нивната продажба која не е во согласност со законот е казнива. Но, очигледно продавачите на Битпазар од казните не се плашат или законот не важи за нив.

– Оној што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години – ова децидно е пропишано со Кривичниот законик според член 396 кој се однесува токму на недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 е предвидено дека: “кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запаллив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност”. Исто така, според Кривичниот законик се предвидени и затворски казни до пет години за оној кој поседува поголемо количество на експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, а до осум години затвор ако делото е сторено во група, банда или друго злосторничко здружение.

Продавачите на Битпазар ги прашавме дали петардите и ракетите што ги продаваат имаат декларација за составот, бидејќи во нив може да има и високоексплозивни средства. Некои не погледнаа како да не разбраа што е тоа декларација. Најчесто, петардите се употребувани од малолетници. При неправилно користење петардите и ракетите може да експлодираат во раце на малолетниците и да доведат до хируршки интервенции. Пред секоја Нова година и по неколку деца завршуваат со повреди (изгореници, контузии, па дури и ампутации) на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и на Ургентниот центар.

Освен полицијата и родителите треба да водат грижа вакви пиротехнички средства да не се најдат во рацете на нивните малолетници. Според законот, и родителите на малолетници што не навршиле 14 години ќе мора да платат од 600 до 800 евра доколку нивните деца активираат петарди.

Статистиката опоменува со црни бројки. Секоја година од употреба на петарди и други пиротехнички средства во светот 150.000 лица остануваат трајни инвалиди. 80% од нив се со посериозни повреди.