На 82-годишен пациент со Алцхајмер не му даваат 4.711 денари за нега од друго лице

82-годишниот скопјанец Добре Лазевски, кој боледува од деменција со Алцхајмер, како и Алцхајмерова болест, останал без нега од 4.711 денари, објави „МКД.мк“.

Болниот скопјанец овие пари ги земал како надомест за нега од друго лице, а за него се грижела сопругата, но и покрај тоа Комисијата на јавната установа Меѓуопштински центар за социјални работи Скопје - Карпош решила да му ја укине паричната помош.

Комисијата утврдила дека пациентот не го остварува правото на надоместок, односно може сам да се грижи за себе, иако боледува од тешка болест.

- Не можам да разберам како човек со таква дијагноза, кој има проблеми со говорот, тешко се движи и за да го транспортираме треба да ангажираме повеќе лица.. му велат дека може да се грижи за себе, вели ќерката на пациентот за „МКД.мк“.

Деменцијата е предизвикана од оштетување на мозочни клетки, а бидејќи Алцхајмеровата болест го уништува мозокот, таа е една од најчестите причини. Прво се манифестира со потешкотии и промени во однесувањето, а потоа се јавуваат проблеми со говорот, расположението и останатите функции.