На 60 години останав без работа – сега продавам чорапи по скопските локали, за да имам за егзистенција

Чичко Васе веќе неколку години можеме да го гледаме низ скопските локали како продава чорапи. Секогаш среден, избричен, со чисти алишта, културен и со насмевка на лицето оди на маса на маса, нудејќи ги чорапите.

Ништо не е срамно да се работи, ако го работиш чесно, вели тој.

Тој на речиси 60-годишна возраст останал без работа. Денеска има 62 години. Уште две години до пензија, или уште многу повеќе, доколку се смени законот за пензионирање.

Живее сам со својата сопруга. Има две ќерки кои се омажени. Кога останал без работа, никој не сакал да го вработи речиси пред пензија. Морал да се снаоѓа, да бара егзистенција за да може да преживее и да може да си ги плати сметките. Никогаш не паднав. Не дозволив црни мисли да ме уништат. Додека ме држат нозете, јас чесно ќе работам.

-Не е лесно воопшто, постојано да одиш од еден до друг локал со торба полна со чорапи. Да им се приближуваш на луѓето на маса, кое се дојдени таму за да се релаксираат. Но, ти едноставно мораш да работиш. Им приоѓам со насмевка. Јас не питачам. Јас не барам милостина. Јас имам призвод кој го продавам. Чорапите ги купувам на големо, а потоа ги продавам по повисока цена. Исто како што работат и сите други трговци. Се случува некогаш и со часови да одам од локал до локал и да не продадам ништо. Но, има и добри денови, раскажува чичко Васе.

Тој вели дека како за една минимална плата може да извади. И тоа не е доволно, но се живее од ден за ден. Тамн тоа што ќе го земе едниот ден, доволно му е за да го помине наредниот. И така со години.

Скопје е големо. Јас се возам со автобуси. Одам од еден во друг крај на градот. Сега пред Нова година очекувам добра заработувачка, така покажа и примерот од претходните години. Тогаш има повеќе забави, луѓето се излезени, а со тоа и се зголемува шансата за поголема продажба. Луѓето веќе ме научија. Има и некои сопственици на локали, кои ме имаат избркано од таму, со закана да не влегувам повеќе или ќе ме пријават во полиција. Но, има и такви со добро срце, додава чичко Васе.