На 6 километри од центарот на Скопје: Оваа населба постоела уште во римско време

Населбата Усје се наоѓа во јужниот раб на Скопската котлина на околу 6 километри оддалеченост од центарот на Скопје.

Поради својата големина и местоположба, а пред се близина, Усје е конурбирано со градот Скопје и е дел од неговата периферија, но сепак тоа е физички одвоено од градот Скопје, а се уште ги има задржано карактеристиките на рурална населба. Селото Усје лежи на надморска височина од 240 метри, во дол на крајните источни падини на планината Водно и ридестиот предел Каршијак. Низ селото протекува Усјанскиот Канал (јаз) кој се влива во реката Вардар кај населбата Горно Лисиче.

Всушност селото Усје е сместено, односно вовлечено во долината на Усјанскиот поток од чија лева страна се Горното и Средното Маало, а од десната страна е Долното Маало. На ридот од десната страна над селото Усје е поставен голем метален крст, од каде има прекрасна панорамска глетка на целиот град Скопје и Скопската котлина.

Селото Усје е една од постарите населби во југоисточниот дел на Скопската котлина. Најстарото пишано споменување на селото се среќава во XIV век, каде тоа е запишано под името Оушче, а со формата Устие е запишно во турските документи од 1568/69 година кога припаѓало на Скопскиот санџак и во него живееле 29 македонски христијански семејства и 11 неженети кои во 5 чифлици произведувале пченица, мешано жито, уров, грозје, бостан и одгледувале свињи за што остварувале севкупен приход од 12000 акчиња.

Материјални нешта кои што сведочат за староста се и повеќето куќи постари од 100 години, во стариот дел на селото во близина на селската црква, кои се со традиционална македонска архитектура од типот на куќи - чардаклии.

Кон крајот на ХIX и почетокот ХХ век, во селото Усје и околината било доста силно македонското револуционерно ослободително комитско движење, за што сведочат повеќе борби со турскиот аскер и заптии во околината на селото во 1903 и 1905 година. Голем дел од градското на население на градот Скопје, се засолнило во селото Усје, за време на бомбардирањето на германската фашистичка авијација на градот Скопје во почетокот на Втората светска војна.

Археолошките ископини близу црквата Св. Атанас говорат дека на територијата на Усје имало населба уште во римско време. Со пропаста на Римската Империја во доцниот шести век, сите населени места на територијата на денешната општина Кисела Вода биле уништени или напуштени.

Некои биле уништени и во земјотресот што го погодил Скупи во 518 година. Селото Усје повторно почнало да се населува за време на турското ропство. Така, според најраните податоци од турското владеење во 1452 година во селото живееле 13 македонски христијански семејства.

Името на селото Усје потекнува од македонскиот збор устие, со значење на утока односно место каде што се составуват или влеваат две или повеќе водотеци - реки или потоци. Селото Усје името го добило поради некогашниот слив на потоците (јазовите или каналите) со вода кои доаѓале од планината Водно и минувале низ селото. Местоположбата на самото село кое сместено во дол помеѓу два рида, и низ кое и денес тече Усјанскиот канал, ја потврдува оваа претпоставка за настанокот и значењето на името Усје.