На 18 години ги возат скапите автомобили на родителите, се прибираат дома во раните утрински часови, цигарите и алкохолот им се секогаш до рака

Живееме во време кога секој, насекаде сака да се истакне пред другите. И родителите и децата, а децата се секогаш огледало на родителите.

Пред неколку дена имав гости, семејни пријатели, имаат свој фамилијарен бизинис, наследен од нивните родители, а пак децата им се на иста возраст како и нашите. Имаат син од 18 и ќерка од 16 години. Цела вечер, целиот разговор беше сведен на фалење на своите деца. Можеби ние сме заостанати, не велам не, ама муабетот и она за што тие се фалеа, мене би ми било срам да го споделам со некој, а не пак да се гореам.

-Леле Леон, само што наполни 18 години, веднаш седна во кола, абе како да е роден таму. Веднаш стана добар шофер. Татко му, му купи кола, како подарок за полнолетство, изненадување беше. Многу беше среќно детето. Оди на училиште со неа, излегува. Добро вози, раскажува таа. Вашиот Никола, се уште не полагаше? Па платете му на детето, нека се радува, како и другите деца, па после тато ќе му купи едно количе...

Само климнав со главата и се насмеав. Ќе бидне, реков.

-Абе децата денеска се чудо, ама кога го гледам син ми, исто како јас да се гледам. Само што положи, само што седна во кола, досега платив четири казни. Ама ај, нека се живи и здрави, добро е да има кој да плаќа. А јас и сопругот само се погледнуваме и се смешкаме. Ние не доаѓаме на ред да кажеме за нашите деца.

-Минатиот месец, Луна славеше роденден.Абе голема девојка е веќе. Со месеци се спремаше за тој ден. Моден дизајнер и го правеше фустанот, веруваш дека 300 евра дадовме само за него. Па чевли по нарачка, па фризура, декорација. Татко и, резервираше во една кафеана, преку врски, дека малолетни, ама испиле повеќе, него ние... Раскажува, па уште се смее. А знаеш дечко и, за роденден и купил скап, убав телефон. Многу беа убави заедно на забавата. Ние отидовне изненадно со трубачи. Пресреќна беше, принцеза на мама. Во четири наутро се прибраа дома, ама не ме чуди ништо, секој викенд е така. Па ако нека си живеат, млади се, нема за што да се секираат... А не прашавме бе, како се Никола и Кристина, не сме ги виделе одамна, излегуваат ли.

И после цела вечер, дојде време и јас да кажам нешто да моите деца. Па излегуваат но, не толку многу, велам. Никола повеќе со другарите ќе си седат дома ќе се смеат, Кристина исто. Сега се спрема за натпревар по математика, па нема толку време. Добри се...

Не успеав да докажам, а веднаш бев прекината. Ах, Леон и Лука, не се по школото, тие сакаат да се дотераат, да им дадеш пари, и надвор до зори со друштвото, а да ти кажам и не ги многу присилувам со училиштето. Нека си уживаат децата. Ние со Тони, не сме строги родители, еве Леон веќе си пуши цигари пред нас, си пие со татко му, по некоја чашка алкохол, и со другарите, а многу се смешни, кога ќе се вратат пијани дома. Ама како што велам старите “младост лудост”, што не се напиеме ние...

И така целиот вечер се сведе на тоа, како живеат нивните деца. Јас ќе пукнев од мака, моите деца да се такви, а не па да кажувам на други. Но, ете... Можеби ние сме од постаро време, прости сме, па и така ги воспитуваме нашите деца...