МЗТ Скопје ги почна подготовките за новата сезона

Под раководство на новиот тренер Александар Тодоров, екипата на МЗТ Скопје Аеродром синоќа и официјално ги почна подготовките за новата сезона, во која ќе го брани тронот и воедно ќе ја брка седмата по ред титула шампион на Македонија.

 На првиот тренинг беше само еден странец, Американецот Ерик Гарсија, додека неговите сонародници Даниел Џенсен и Брет Бејли во Скопје требаше да пристигнат доцна синоќа, па уште денеска да им се приклучат на останатите. 

 Тодоров уште од самиот почеток наметна силен ритам за собирање на енергијата која и тоа како ќе им биде потребна на неговите избраниците пред дуелите во сезонава исклучително силната АБА-лига, но и во двете домашни натпреварувања каде што и конкуренцијата повеќе од солидно се засили.

 „Се уште не сме комплетни, но во кусо време очекувам да ја пополниме и последната празнина и тоа на центарската позиција. Би сакал да бидеме во полн состав пред одигрувањето на пријателските средби за да имаме доволно време за воигрување пред првиот меч од АБА-лигата против Партизан. Задоволен сум од тимот со кој располагам, дојдовме до играчите кои ги сакавме, а единствено изненадување беше заминувањето на Младеновски, што беше само поради неговата желба да се проба во странство“, изјави тренерот Тодоров.

 Американецот Гарсија, најави голема борба за секоја топка и атак на победа на секој натпревар кој аеродромци ќе го одиграат сезонава.

 „Ми се доаѓа тоа што досега во видов во Македонија, а презадоволен сум од приемот во МЗТ Скопје и од начинот кој засега сум третиран од сите во клубот. Искрено, не знаев речиси ништо за државата пред да дојдам, освен сликите што ги гледав на интернет откако потпишав договор. Изминатиов период го минав во гледање натпревари на екипите против кои ќе играме, пред се во АБА-лигата, која е навистина квалитетна со многу одлични игра во неа. Секој натпревар ќе биде голема борба, поради што мора напорно да го одработиме периодов за да бидеме подготвени за предизвикот кој е пред нас. Сакам да победувам и верувам дека ќе имам многу шанси за тоа во дресот на МЗТ Скопје“, изјави Гарсија.

 Во претпознатливиот сино-бел дрес вечерва можеше да се види и Дамјан Стојановски, кој се врати по едногодишно отсуство од таборот на шампионот.

 „За нас е најважно добро физички да се подготвиме во следниот период, бидејќи нѐ голем број тешки натпревари кои ќе мора да ги издржиме. Сите се засилуваат и во АБА-лигата и во домашното првенство, кои сметам дека ќе бидат на повисоко ниво во однос на претходната сезона. Доволно сум подготвен да ги издржан подготовките, што ме радува по долгата пауза која ја имав. Верувам дека сѐ ќе биде како што треба“, потенцира Стојановски.

Голема енергија на првиот трениг даваа и новоангажираните младинци, Ранко Мамузиќ, Михајло Митев и Андреј Маслинко, но и староседелците Дамјан Миса, Леонид Тодоровски, Андреј Настевски и Петар Прентовиќ, кои втора сезона по ред се дел од сениорскиот состав на шампионот. Обврските без никаков проблем ги извршуваа и Бојан Трајковски, Адем Мекиќ и Бобан Стајиќ додека на клупата беше и повредениот Марко Симоновски, кој поради скршеница ќе биде три месеци надвор од тренажниот процес.