МЗМП ги повика граѓаните да пријавуваат локации со несобран отпад во Скопје

 

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) ги повика граѓаните да пријавуваат локации во Скопје на кои забележуваат несобран комунален отпад, со цел да се побара инспекциски надзор и реакција од надлежните институции.

За да се документираат проблемите, граѓаните треба да испратат фотографија или видео од отпадот, точна локација, како и датум и време кога е направена снимката. Пријавите може да се достават преку приватна порака или на електронската адреса contact@myla.org.mk.

Од здружението информираат дека иницијативата за инспекциски надзор ќе биде поднесена врз основа на фотографиите, видеата и информациите што ќе ги достават граѓаните.

МЗМП потсетува дека и во 2025 година побарало вонреден инспекциски надзор за несоодветното собирање на комуналниот отпад во Скопје, по што, по повеќекратни преписки со Градскиот инспекторат и ЈП „Комунална хигиена“, биле издадени прекршочни платни налози.