МЗ: Пријавени 71 илјади граѓани за вакцинација против сезонски грип, досега вакцинирани 50 илјади лица

Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонски грип досега се пријавиле над 71 илјада граѓани, што според нив е доказ дека има голем интерес кај луѓето да се заштитат од компликации. Од нив во пунктовите за вакцинација досега се вакцинирани над 50 илјади лица.

„Исто така, во центрите за хемодијализа се вакцинирани илјада, а во домовите за стари лица, вакцина примиле над 300 луѓе“, појаснуваат оттаму.

Од министерството за здравсто велат дека вакцинацијата против сезонски грип претставува најефикасна мерка за превенција, спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи.

„Пријавувањето се врши со пополнување на апликацијата на вакцинација.мк и со тоа, директно се регистрира за вакцинација во системот „Мој термин“. Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи население“, додаваат од Министерството за здравство.