МВР: Затворени пет ноќни клубови и дискотеки во Скопје поради нерегуларности

Синоќа, Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во координирана акција затворија пет ноќни клубови и дискотеки во Скопје, а казнети се и стотина граѓани заради возење под дејство на алкохол. Од МВР велат дека имале сознанија оти во работењето на клубовите и дискотеките има нерегуларности, како неиздавање фискални сметки, пропуштање лица без сертификат за вакцинација, непочитување на протоколите за справувaње со ковид-19, присуство на малолетни лица во објектите, непоседување лиценци за лица од обезбедувањето.

При контрола на угостителски објект на улицата Јордан Мијалков, од УЈП е констатирано неиздавање фискални сметки. Единицата за интервентната полиција приведела пет лица без лични карти, пронајдени се  две лица кои поседувале фалсификуван сертификат за вакцинација и 15 лица без сертификат за вакцинација. Од ДПИ е составен е записник за затекнати лица во објектот без сертификат за вакцинација, за што ќе бидат издадени  прекршочни платни налози за наплата на глоба, а објектот привремено е затворен.

Во угостителски објект кај железничката станица, при извршената контрола е констатирано дека девет лица не поседуваат сертификат за вакцинација, затечено е едно малолетно лице. Од УЈП е констатирано дека има нерегуларности во готовинскиот промет, за што ќе им биде изречена парична глоба. Од ДПИ е констатирано дека во објектот не се почитува законот за пушење, не се постапува по здравствени протоколи, затекнати се лица без вакцинален сертификат, за што ќе бидат изречени прекршочни глоби со издавање прекршочни платни налози, а објектот привремено е затворен.

Во угостителски објект на улица Анастас Митрев при извршената контрола од  УЈП биле констатирани повеќе нерегуларности односно евидентирана е разлика во готовинското плаќање т. е. неиздавање на фискални сметки. Од а МВР е констатирано дека шест лица не поседуваат сертификат за вакцинација, како и три лица кои биле обезбедување биле без соодветни лиценци за работа, при што од ДПИ е составен записник за затекнати лица во објектот без сертификат за вакцинација, за што ќе бидат издадени  прекршочни платни налози за наплата на глоба, а објектот привремено е затворен.

Во угостителски објект на улица 8 Септември при извршена контрола од  УЈП е констатирано неевидентиран промет односно неиздавање на фискални сметки, а од полицијата е утврдено  дека две лица не поседуваат сертификат за вакцинација. ДПИ затекнала лица во објектот без сертификат за вакцинација, составен е  записник и ќе бидат издадени прекршочни платни налози за наплата на глоба,  а објектот е привремено затворен.

Во угостителски објект на улица Свети Климент Охридски при извршената контрола од УЈП констатирана е разлика во готовинскиот промет односно неиздавање на фискални сметки. Од полицијата утврдено е дека 10 лица не поседуваат сертификат за вакцинација како и малолетници, а од ДПИ составен е записник и ќе бидат издадени прекршочни платни налози за наплата на глоба, а објектот е привремено затворен.

Во текот на изминатата вечер во периодот од 20.00 до 04.00 часот, спроведена е и зајакната акциска контрола во сообраќајот на територија на град Скопје, и тоа во општините Аеродром, Центар и Карпош, при што се санкционирани 135 возачи. Во периодот од 20.30 до полноќ на територија на Аеродром санкционирани се вкупно 60 возачи, меѓу кои седум за возење без возачка дозвола, две мерки за измината важност на регистрација на возилото, 14 санкции за возење под дејство на алкохол.

Во периодот од полноќ до 4 часот на територија на  Карпош санкционирани се вкупно 29 учесници во сообраќајот, од кои четири управувале возило без возачка дозвола, 18 возеле под дејство на алкохол, шест санкции за возач почетник. На територија на Центар санкционирани се вкупно 46 возачи, од кои пет управувале без возачка дозвола, 17 возачи управувале под дејство на алкохол, четири санкции за возач почетник.