МВР спречи диви трки на моторџии на три улици во Скопје

Полицијата синоќа на улиците „Џон Кенеди“, „Лазо Трповски“ и „2-ра Македонска бригада“ во Скопје, спречила диви трки на мотори, соопшти МВР.

Во периодот од 22.30 часот до 01.00 часот утрово, од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје биле регистрирани 15 прекршоци за кои биле издадени 15 платни налози на прекршителите.

Двајца од учесниците немале лични документи и документи за мотоциклите и затоа биле приведени во Полициската станица Бит Пазар за понатамошна постапка.

Секторот за внатрешни работи Скопје ќе продолжи со спроведување редовни контроли за спречување на организирање и учество на диви трки на мотоциклисти во Скопје.