МВР: Спречено организирање на трки на скопските булевари

Вчера во времето од 22,00 до 01,30 часот на улица “Митрополит Теодосиј Гологавов“ од страна на Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата преземени се мерки против појавата на брзо возење и организирање на трки во доцните вечерни часови.

При преземените мерки беа исклучени 17 возила и истите биле упатени на вонреден технички преглед, а на возачите им се задржани сообраќајните дозволи до завршување на техничкиот преглед, соопшти МВР.

МВР продолжува со засилени контроли на учесниците во сообраќајот.

Во текот на изминатиот викенд (20/21 и 22.04.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 32 сообраќајни незгоди од кои две со смртни последици, 20 со лесни телесни повреди и 10 со материјална штета. Во сообраќајните незгоди две лица починале, а 23 лица се здобиле со лесни телесни повреди.

Од преземените мерки и активности констатирано е дека четворица возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 728 возачи од кои: 478 возачи поради тоа што управувале моторно возило под дејство на алкохол, 109 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и 141 возач затоа што биле возачи почетници. Исто така, санкционирани се и 14 возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, седумина поради неправилно престројување, еден поради неправилно престигнување, тројца возачи затоа што недале првенство на минување на пешаци, тројца поради недавање првенство на минување на возила во зона на крстосница и 11 возачи поради некористење на заштитен шлем (кацига).

Од сообраќај се исклучени вкупно 115 возила и тоа 110 затоа што биле нерегистрирани, четири возила биле технички неисправни и едно возило поради претовареност. Покрај ова, санкционирани се и седумина пешаци затоа што поминале коловоз надвор од пешачки премин, а двајца пешаци затоа што поминале коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот викенд издадени се 279 мандатни платни налози, додека 132 возила се подигнати со специјално возило “пајак”.