
Четири лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што синоќа се случила на скопската обиколница, во близина на Радишани.
Несреќата се случила некаде пред полноќ, а на местото веднаш интервенирале екипи на полицијата, противпожарната служба и Итната медицинска помош. Од силината на ударот, возилото целосно изгорело.
Од МВР за телевизија Телма споделиле детали за несреќата.
„На 21.05.2026 во 23:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница на Град Скопје, помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци, Б.Б.(76) од Косово, управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.В.(51) од Скопје. Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Р.В. и сопатниците од неговото возило, А.В.(20) и П.М.(20) од Скопје и уште едно лице чиј идентитет засега е непознат“, изјавиле од МВР за Телма.