MВР: Професори од Економски факултет барале од 500 до 1.000 евра за положен испит

Осум лица се осомничени за повеќе коруптивни кривични дела сторени во текот на 2015 и 2016 година. Тие ја искористиле својата службена положба и директно и индиректно барале пари за да извршат незаконити дејства, пишување оценки во индекс, без притоа студентите да прикажат соодветно знање, изјави пред малку министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

Според досегашниот тек на истрагата, бараната сума за испит била од 500 до 1.000 евра, а имало случаи на положени испити за студенти без право да полагаат или без пријавен испит. Поткупот бил даван и преку асистент.

„Се работи за серија документирани предмети. Вчера се извршени 13 претреси, од кои 7 по домовите на осомничените, 4 во професорските кабинети, и по еден претрес во факултетското бифе и во канцелариите на студенстките прашања. Во возилото на еден од осомничените пронајдени се 1.000 евра, во станот на еден од осомничените бил пронајден мобилен телефон „ајфон 6“ предмет на едно од делата, кај трет професор 4 индекси на студенти, нотес со имиња и презимиња на студенти и нивните матични броеви... Одземени се 17 досиеја на студенти, 5 лица се задржани во полициската станица Кисела вода, а другите на 7 јуни се повикани на разговор“, рече Чавков.