
Министерството за внатрешни работи и Федералното истражно биро (ФБИ) спровеле заедничка истрага со која бил откриен администраторот на нелегалниот онлајн пазар „OLVX“, преку кој се продавале украдени лични податоци, пристапни акредитиви и алатки за компјутерски криминал.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против E.A. (20) од Голема Речица, тетовско. Тој е осомничен за „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
Според информациите од МВР, акцијата започнала по добиени информации од ФБИ, по што била спроведена координирана истрага за откривање и сузбивање на криминалните активности поврзани со платформата „OLVX“.
- Според обезбедените докази, пријавениот во периодот од 2023 до 2025 година администрирал домени и веб-страници поврзани со платформата, која функционирала како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела. На платформата биле понудени повеќе од 1.500 украдени пристапни акредитиви за кориснички сметки и компјутерски мрежи. Истрагата утврдила и дека во периодот од 2025 до 2026 година пријавениот администрирал нелегална онлајн група под името „ONEMILI“ на апликацијата „телеграм“. Преку групата биле нудени услуги и софтверски алатки за компјутерски криминал, меѓу кои и измами поврзани со незаконско враќање парични средства, информираа од полицијата.
Дополнително, според МВР, биле обезбедени докази дека пријавениот преку „Телеграм“ набавувал и поседувал материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Од Министерството посочуваат дека ова е прва заедничка координирана сајбер-операција меѓу МВР и ФБИ, со која се потврдува значењето на меѓународната полициска соработка во борбата против транснационалниот компјутерски криминал.
МВР најавува дека и натаму ќе работи на откривање и сузбивање на сајбер-криминалот, заштита на личните податоци и зголемување на безбедноста на граѓаните во дигиталниот простор.