
Министерството за внатрешни работи го санкционираше возачот на министерот за здравство Азир Алиу, откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа опасно и недозволено возење низ центарот на Скопје.
Според информациите од МВР, денеска полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со лицето Б.Б., поради видео објавено на 9 октомври на кое се гледа како на булеварот „Партизански одреди“ управува службено возило „Шкода“ со скопски регистарски таблици, користејќи светлосни уреди и притоа преминува преку две полни линии.
„Обезбедено и санкционирано е лицето кое со службено возило на булеварот ‘Партизански одреди’ помина на две полни линии и користеше флешери“, соопштија од МВР.
Против возачот се преземаат мерки по член 139 став 11 и член 30 став 5 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Министерот Алиу претходно изјави дека возачот ќе сноси одговорност, но не потврди дали и самиот бил во возилото во моментот на инцидентот.