МВР: Еден уапсен за фотографирање гласачко ливче

„Еден гласач е уапсен затоа што го фотографирал гласачкото ливче во општина Гази Баба, а од отворањето на гласачките места па се до 12 часот регистрирани се низа помали инциденти за кои МВР соодветно интервенира“, изјави на прес-конференцијата Јордан Ламановски, помошник министер за односи со јавност.

Во село Брест лица со црн џип „Хамер“ во 8.30 часот делеле пари на граѓани. По ова, истото возило е забележано во населба Бутел. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Во општина Шуто Оризари, диви таксисти со 14 патнички моторни возила превезувале гласачи до избирачки места и притоа вршеле агитација. Исто така во оваа општина во ОУ „Браќа Рамиз“ во ходникот од училиштето низ кој се оди до гласачките места група од 5-6 лица на гласачите што се движеле по ходникот им сугерирале да заокружат реден број на гласачкото ливче. Во општината забележани се две возила без регистарски таблици со обележја на вратите од Дирекција на заштита и спасување, кои во повеќе наврати носеле гласачи до гласачките места.

Ламовски изјави дека е добиена пријава за агитирање гласачи околу пазарот во Ѓорче Петров. Агитирањето во повеќе наврати го вршеле лица со возило „Сеат Леон“.

Поради фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон на гласачкото место во училиштето „Кочо Рацин“ во скопската општина Ѓорче Петров приведено е лицето З.Д. (37) . Поради овој случај гласањето на ова место било во прекин од 8.25 до 8.35 часот.

Случај на фотографирање на гласачкото ливче има и во Валандово. Околу 9 часот на гласачкото место во Кино Валандово З.П. откако гласал го фотографирал ливчето и заминал. Полициски службеници излегле на лице место и се работи на расчистување на случајот.