МВР: Демонстрантите вчера фрлиле солзавец

Министерството за внатрешни работи излезе со сопштение за вчерашните настани. Го пренесуваме во целост интегрално.

„Во текот на вчерашниот јавен собир во Скопје, пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите, од кои голем број  маскирани,  насилно ја турнаа заштитната ограда и почнаа со фрлање на камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието.

Со цел спречување на понатамошно нарушување на јавниот ред и мир и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата спроведе соодветни мерки и активности.

Повредени се 10 полициски службеници, а седум лица побарале лекарска помош. Приведени се 26 лица. Околу 21:30 часот околу 50 демонстранти, движејќи се во група се упатиле кон Плоштад Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец. Во близина на хотелот Холидеј ин запалено е комбе Фиат, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита.

Во врска со новинарот на порталот Инфомакс, ја информираме јавноста дека тој одбивал да се легитимира, а притоа дал  активен отпор. Постапувајќи согласно процедурите , лицето е однесено во полициска станица и по утврдувањето на неговиот идентитет, истото веднаш е  пуштено. Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира новинарите и снимателите кои ги извршуваат своите работни задачи во текот на известувањето да го почитуваат етичкиот кодекс на однесување и со своите постапки да не ги попречуваат службените лица во извршувањето на своите задачи, при заштитата на јавнот ред и мир.

Во изминатиот месец МВР во соработка со ОБСЕ и ЗНМ одржа низа работилници во неколку градови, на кои учествуваа новинари и вработени во МВР се со цел да се избегнат недоразбирања, меѓу другото, и на вакви јавни собири.

Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила врз полицијата и насилен упад во институциите, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење. “ - стои во соопштението на МВР.