МВР да испита кој и како ги вози службените автомобили низ градот

Граѓаните се` почесто реагираат на сообраќајните прекршоци што ги прави токму оној кој што треба да ги санкционира истите т.е. полицијата. Паркирани полициски автомобили , дури и комбиња, на тротоари, зелени површини, пешачки острови и велосипедски патеки се само дел од сликата која го руши угледот на чуварите на редот.

- Многу често гледам како полициски автомобил е паркиран на тротоар, не почитува сообраќајни правила и прописи, престигнува опасно со голема брзина, дури не даваат ни трепкачи кога вртат. Навистина не личи на ништо ова. Дури не смееш ни да им приговориш. Најчесто станува збор за млади лица кои очигледно многу скоро се вработиле во МВР. Наместо тие да се грижат за сообрачајниот ред и безбедност ние граѓаните се пазиме од нив да не не испогазат и им правиме попусти кога се во прашање паркирањето и запирањето на недозволени места – вели Игор  М. жител на општина Центар.

Тој не е единствениот кој што реагира. Вакви сведоци има многу а голем дел од нив ги фотографираат полицајците кои прават прекршоци во сообраќајот и ги објавуваат на социјалните мрежи.

- Полицајците и таксистите се најлоши шофери во градот. Одговорно тврдам дека тоа е така. Барем два пати ќе настрадав од полициски џип кој со голема брзина престигнуваше автомобили и не го почитуваше пешачкиот премин. Иако немаше вклучено сирена и светла за итност тој се однесуваше многу опасно без никакво предупредување. Треба МВР да си преиспита кој им ги вози возилата и како тие службеници се однесуваат во сообраќајот – опоменува Славица Ф. од Карпош.

До сега МВР не излезе со некаква бројка за опоменати или казнети свои службеници за сообраќајни престапи направени со службените автомобили, но, очигледно време е посериозно да се зафати со оваа проблематика.