МВР, Центар и НВО ќе работат заедно за заштита на животните

Претставници на организациите за заштита на животните, командирот на полициската станица „Центар“ и претставници од одделот за превенција при МВР денеска се сретнаа со градоначалникот Андреј Жерновски и договорија продолжување и интензивирање на соработката. 

Општина Центар информира дека по минатонеделната прва средба и јасно пратените пораки во голема мера се намалени случаите на труење и поставување отров за кучиња. Додаваат дека треба да се работи на градењето и оформувањето на свеста дека со труењето се предизвикува општа опасност, што е сериозно кривично дело.

Невладините организации ќе изготват и ќе достават до МВР барање за потпишување заеднички Меморандум за соработка на територијата на општина Центар. По празниците ќе се организираат заеднички средби со граѓаните за едукација и проверка на околината, на досега најкритичните места околу Универзална сала, во Капиштец и во Дебар Маало.

- Иницирано е менување на Законот за полиција со цел да се прецизира кога може полицијата да интервенира доколку се забележи мачење на животни, соопшти општина Центар.