Музичко-спортски спектакл со хуманитарен карактер вчера собра 6.000 гледачи во „Борис Трајковски“

Актуелните македонски ракометни репрезентативци и ветераните вчеравечер во СЦ „Борис Трајковски“ одиграа ревијален натпревар со хуманитарен карактер и направија вистински спектакл.

Сите приходи од билетите за овој ракометно-музички спектакл „Сите ѕвезди“ ќе бидат донирани за СОС Детско село.

Победија актуелните репрезентативци со 25:21.

Пред полните трибини (околу 6.000 гледачи) продефилираа поранешните репрезентативци Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, Стојанче Стоилов, Наумче Мојсовски, Борко Ристовски и другите великани кои го носеа „црвено-жолтиот“ дрес изминатата деценија.

Дваесет и двајцата поранешни репрезентативци од РФМ добија врамен дрес.

За најкорисен играч на натпреварот (МВП) е прогласен Ванчо Димовски.

Организаторот на настанот, Ракометната федерација на Македонија, уште еднаш ја покажа својата хуманитарна димензија со поддршката на најранливите, децата и младите без родителска грижа.

Настанот беше збогатен со музичките ѕвезди, Александар Митевски, Драган Спасов Дац, Кики Мукаетов, Меморија, Некст Тајм, а шоуто го водеше Сашко Коцев.

Македонската репрезентација  заминува за Пореч да ги продолжи подготовките за претстојниот Мундијал во Полска и Шведска.