Музичка работилница во Капиштец: Децата ќе свират и ќе прават инструменти

Во паркот Капиштец денеска најмладите жители на општина Центар ќе имаат можност да учествуваат на музичка работилница во 18:30 часот.

Тоа ќе биде вториот од вкупно седум настани од проектот „На одмор сум во Скопје сум – Општина Центар мисли на мене“, чија основната цел е децата да се едуцираат на интересен начин за време на училишниот распуст и да се поттикнат да излезат надвор на дружење и игра.

Од Општина Центар велат дека преку слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ сакаат да го насочат детското внимание кон нешто што ќе им ја поттикне креативноста и ќе им овозможи здрав начин на забава.

Минатата недела се одржа ликовна работилница на која присуствуваа стотици деца.

Одговорна за работилницата е музичарката и композиторка Ана Пандевска, која вели дека акцентот ќе биде ставен на перкусивните инструменти и ќе бидат изложени вибрафон, маримба, тапани, кахон, дајре, шејкер, раганела, добош и други ситни перкусии.

„Децата визуелно и аудитивно ќе се запознаат со овие инструменти, со имињата, звукот, изгледот и дел од техниките кои се употребуваат. Во одреден дел од програмата ќе имаме употреба на body percussion така што децата ќе го користат сопственото тело како инструмент, како и на основните музички елементи: темпо, ритам, метар, тембр, мелодија, хармонија, форма и сл. Децата ќе прават свои инструменти, шејкери, со кои ќе вежбаат различни ритми. Целта на работилницата е преку игра, едукативно да се допре до секое дете кое ќе биде на настанот. Истовремено сите да се забавуваат и да научат нови нешта. Да се обидеме да допреме и до родителите  да внимаваат на изборот на музика која се пласира до нивните деца“, вели Пандевска.

За време на работилницата перкусионистот Антоние Весковски со задавање ритмо-метрички примери ќе ги анимира децата активно да учествуваат преку игра, а вокалот Ања Ветерова ќе изведе неколку песни од  цртани филмови.