Мултимедијален детски хепенинг во Кисела Вода

Мултимедијален хепенинг на отворен простор се одржа денеска во паркот „Македонија“ во општина Кисела Вода.  Учесници на ова ликовно-музичко случување беа ученици од сите основни училишта во општина Кисела Вода, од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, од ПОУ „Златан Сремец“ и дечиња од „Дневен центар за деца од улица“ кој е во склоп на ЈДГ „Весели цветови“.

– Во организација на Секторот за образование предучилишно воспитување, култура и спорт, дечињата сликаа на штафелаите на слободна тема која им овозможи послободен пристап во ликовното изразување во комбинирана техника темпера со поликолор. Паралелно, учесниците на мултимедијалниот хепенинг настапуваа со музичко-ритмички точки, се вели во денешното соопштение од општина Кисела Вода.

Од општината посочуваат дека годинава по шести пат го организираат Мултимедијалниот хепенинг на отворен простор. Тој е дел од Програмата за култура, културни манифестации и творештво за 2016 година и има за цел да овозможи креативно и забавно дружење меѓу учениците.