Муцунски: Загрижени сме поради последните инциденти со дронови во Романија, целосно сме солидарни со нашиот НАТО-сојузник

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изрази сериозна загриженост поради последните инциденти со дронови во Романија и упати силна поддршка до земјата како сојузник во НАТО.

Во објава на социјалната мрежа „Х“, Муцунски истакна дека Македонија стои во целосна солидарност со Романија по повторените нарушувања на нејзиниот воздушен простор.

„Длабоко сме загрижени поради последните инциденти со дронови во Романија. Стоиме во целосна солидарност со нашиот НАТО-сојузник Романија по повторените нарушувања на нејзиниот воздушен простор“, напиша Муцунски.

Тој оцени дека ваквите инциденти се неприфатливи и порача дека тие мора да престанат.

Според министерот, одмерената и решителна реакција на Романија ја покажува подготвеноста и одлучноста што ја карактеризираат Алијансата.