Муцунски за спорот со Бугарија: Нашата цел е да се најде решение коешто нема да нè стави во истата позиција во којашто сме денес

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во контекст на уставните измени и почетокот на преговори за влез во ЕУ, синоќа во гостувањето на Сител ТВ повтори дека за Македонија се значајни суштински две работи - првата е да имаме јасни гаранции што или ќе бидат проточени во нашиот правен систем — уставни измени со одложена примена или ќе има гаранции од европските институции.  

-И исто така, за нас е значаен концептот на меѓународно-правен реципроцитет во делот на човековите права. Односно, кога Бугарија очекува од нас ние бугарското малцинство да го внесеме во нашиот Устав, најмалку што може да направи е да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во делот на почитувањето на основните човекови права на Македонците коишто живеат на територија на Бугарија - рече Муцунски во интервју за Тема на денот на ТВ Сител. 

Во рамките на тие наши позиции, нагласи тој, веруваме дека може да се најде не само рационално решение, туку решение коешто ќе биде одржливо бидејќи нашата цел дефинитивно е без никаква дилема да се најде решение.

-Но, нашата цел е да се најде решение коешто нема да нè стави во истата позиција во којашто сме денес за неколку недели или неколку месеци. Затоа ние велиме: ова решение коешто сега го има на масата, коешто ни е претставено, коешто претходната Влада за жал како такво го прифати, е неодржливо и решение коешто ќе создаде дополнителна криза во нашите европски интеграции. И за нас нема никаква дилема дека вакво решение е неприфатливо во овој момент - посочи Муцунски.

Во врска со информациите дека се моделира новиот пристап за проширување на ЕУ и дека тоа би било презентирано на ЕС во октомври, Муцунски кажа дека динамиката за ваквите разговори се забрза по неколкуте објавени нонпејпери, а еден доби најголемо внимание - „оној на францускиот претседател и германскиот канцелар пред самитот во Тиват“, но потоа и неколку други што беа презентирани од групи на земји со различни гледишта.