
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски повторно се огласи во врска со исказите на неговиот претходник, Бујар Османи, и порача дека тој последен има право да држи лекции за тоа што е прифатено, а што не.
„Тој многу добро знае што преговараше, што прифаќаше и во каква позиција ја остави државата. Затоа, денес нека не троши енергија за да ги извртува фактите и да толкува туѓи изјави. Политичар кој не успеа да ја добие довербата ниту на своите најблиски сограѓани во Чаир, ниту на своите соседи, ниту на луѓето што најдобро го познаваат, навистина е последниот што треба да држи лекции за политички легитимитет. По таков пораз, многумина би покажале политичка одговорност и би се повлекле, наместо да продолжат да делат лекции“, жестоко реагираше Муцунски.
За разлика од неговите спинови, како што вели сегашниот шеф на дипломатијата, позицијата на оваа Влада била јасна и непроменета од првиот ден.
„Повеќе од две години слушаме обвинувања дека ќе попуштиме, ќе се откажеме и ќе прифатиме сè што претходно било договорено. Наместо тоа, со дела покажавме доследност, принципиелност и јасна заштита на македонските национални интереси. Тоа денес е јасно и дома и кај нашите меѓународни партнери. Политичката меморија не е толку кратка колку што би сакал. Граѓаните знаат кој ја доведе државата во оваа ситуација. И знаат кој денес се обидува да избега од сопствената одговорност“, нагласи Муцунски.
Инаку Муцунски и претходно се огласи и даде изјави откако неговиот став дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка, соопштен на прес-конференција, дел од медиумите го протолкуваа како промена на позицијата на македонската дипломатија во однос на пристапниот процес кон ЕУ.