Муцунски за можната средба со Бугарите на Самитот на НАТО: Ние сакаме средба, за другото прашајте во Софија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска истакна дека тој не може да каже дали ќе има средба со претставници на Бугарија на маргините на Самитот на НАТО во Хаг, и дека за тоа треба одговор да се бара од Софија, а она што, како што посочи, може да го каже е дека очекуваат повеќе средби и редовна комуникација со нашиот сосед.

Муцунски денеска на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе има средба со бугарската страна во Хаг, посочи дека смета оти е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку и за се она што е од взаемен интерес.

„Не можам јас тоа да го одговорам, тоа ќе треба како прашање да го поставите во Софија. Јас ќе можам да ви одговорам што ние правиме и што ние очекуваме. Ние сакаме средба и средби и комуникација бидејќи сметаме дека е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку по однос на низа прашања, кои што нас не засегаат во билатералните односи. И ние секогаш ќе наоѓаме начин за комуникација врз основа на принципи, вредности, политики насочени за добробит на нашата држава со сите наши соседи, вклучително и со Бугарија. Но истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции, рече Муцунски.

Тој додаде дека тоа е она што му го пренел во телефонскиот разговор и на неговиот бугарски колега Георг Георгиев.

„Сакаме соработка, сакаме да имаме комуникација, сакаме да имаме што повеќе средби. Средбата што ние ја имавме на почетокот на неговиот мандат во Минхен беше на наша иницијатива. Ги поддржуваме напорите, кои доаѓаат за одржување средби и во рамки на Самитот во Хаг и на сите други форуми и ќе даваме секогаш поддршка за се она што значи добри односи со сите наши соседи, рече Муцунски.

Министерот додаде дека истовремено тоа не значи отворање на каков било простор за отстапка во однос на тоа што е наша уврдена државна позиција и ја повтори позицијата, која, како што, кажа постојано ја изнесува во јавноста.