Муцунски во Сараево се сретна со босанскиот колега, Конаковиќ: Евроинтеграциите, економската соработка и авиолинија Скопје-Сараево во фокусот

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во рамки на работната посета на Сараево, се сретна со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ.

Муцунски истакна дека при средбата, биле потврдени одличните билатерални односи, континуираната соработка и конструктивниот политички дијалог меѓу двете држави.

„Разговаравме за состојбите во регионот, европската интеграција и политиката на проширување на Европската Унија. Се согласивме дека проширувањето претставува стратешки интерес и за Западен Балкан и за самата Унија, особено во услови на засилени геополитички предизвици“, сподели министерот преку социјалните мрежи.

Исто така, додаде дека размениле мислења и за натамошно унапредување на економската соработка, со акцент на почести бизнис-форуми, подобра транспортна поврзаност и повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје – Сараево.