
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска се обрати на Бизнис форумот на информатичко-комуникациски компании, во организација на МАСИТ и Здружението на информатички компании на Грција (СЕТПЕ).
Муцунски истакна дека следната фаза од економската соработка меѓу двете земји треба да биде поамбициозна, поиновативна и повеќе насочена кон иднината.
„Енергетиката, инфраструктурата и трговијата остануваат важни, но дигиталната трансформација, ИКТ секторот, иновациите, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста и финтек решенијата треба да станат посилен дел од нашата заедничка економска агенда“, нагласи тој.
Посочи дека ИКТ секторот денес претставува еден од клучните столбови на македонската економија, со придонес од речиси 5% во БДП и годишни приходи од околу 1,65 милијарди евра.
„Но, ова не е само економска статистика. Тоа е можност за задржување на младите, привлекување нови инвестиции, поврзување на домашните компании со европските и глобалните синџири на вредност и позиционирање на државата како регионален центар за дигитални услуги и иновации“, додава Муцунски.
Министерот нагласи и дека интегрирањето на надворешната трговија во портфолиото на Министерството не било само административна промена, туку јасна политичка порака дека македонската дипломатија треба да испорачува повеќе трговија, повеќе инвестиции, поголем пристап до пазари и повеќе можности за домашните компании.
„Европската интеграција не е само политички процес. Таа е и економска трансформација што значи посилни институции, поголема конкурентност, попредвидливи правила и нови можности за бизнисот и граѓаните“, вели Муцунски во објавата на Фејсбук.