Муцунски: Општината е во одлична финансиска состојба, со издавање обрзница ќе се реализираат капитални проекти

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски гостуваше во „360 степени“ на „ТВ Алсат“ при што кажа дека издавање на зелена обврзница од 5,4 милиони евра е најекономичен и најефикасен начин за брза реализација на капиталните проекти во општината.

Муцунски посочи дека постои и друга опција за да не се чекаат 10 години за изградба на две градинки и доградба на две училишта, а тоа е собирање на приходи од комуналии, што за него е неприфатливо.

- Општините речиси 80 отсто од приходите ги имаат од комуналии. Едно мое ветување беше дека се залагам за хумана урбанизација, а не урбанизација каква што сме имале во претходните пет, 10, 15 години. Овој начин на финансирање значи решавање на прашањето на над 800 деца кои чекаат место за градинка во Аеродром. Општината е во одлична финансиска состојба, одлично се менаџира и одлуката за издавање на зелена обврзница ќе значи реализирање на клучните капитални ветувања кои ќе ги решат проблемите на родителите и семејствата во општината, кажа Муцунски.