Муцунски од Анталија: Регионалната поврзаност е предуслов за развој и стабилност

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски кој учествува на Форумот за дипломатија во Анталија, утрово се обрати на панел посветен на новите можности во регионалната и интерконтиненталната поврзаност.

Тој истакнал дека поврзаноста претставува клучен елемент за економската отпорност, регионалната стабилност и одржливиот развој, особено во услови на зголемена геополитичка неизвесност и трансформација на глобалните синџири на снабдување.

„Како држава со стратешка позиција на крстопатот меѓу Европа и поширокиот евроазиски простор, нашата земја има активна улога во унапредувањето на регионалната инфраструктурна и транспортна поврзаност. Акцент ставив на значењето на Коридорот VIII, како еден од клучните источно-западни правци што ја поврзуваат Јадранската и Црноморската област, како и на важноста на железничкото поврзување со Република Бугарија како дел од европските транспортни мрежи. Се осврнав и на Коридорот X, нагласувајќи ја нашата улога во европските иницијативи за поврзаност“, посочи Муцунски во објавата на Фејсбук.