Муцунски: Обврска на институциите е да обезбедат квалитетен образовен процес, неопходно е случајот да биде целосно расчистен

Градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски се огласи по повод информациите дека учителка е уапсена во акција на МВР за дрога. 

Според неговите информации станува збор за наставник кој работи во ОУ „Александар Македонски“. 

-Утрово примив информација дека поради постоење основани сомневања за сторено кривично дело, припадниците на Министерството за внатрешни работи привеле наставник кој подолг временски период работи во основното училиште „Александар Македонски“.

Како градоначалник, родител и универзитетски работник, но и како човек кој преку активностите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, директно е поврзан со правото и е дел од образовниот процес цврсто стојам на ставот дека наша обврска е да дадеме се од себе за на децата да им овозможиме училишните денови да ги поминуваат во здрава средина, вели Муцунски во својата објава. 

-Процесот на социјализација и едукација на дечињата не смее да се поврзува или да биде обременет со било каква нелегална активност која е во спротивност со законот.

Наша обврска е како институции да овозможиме квалитетен образовен процес во кој ќе ги надминеме сите пречки и недостатоци. Инсистирам случајот да биде расчистен во целост и во таа насока потенцирам дека основното училиште и Општина Аеродром веќе соработуваат со надлежните институции за спроведување на законот.

Аеродром е општина која инвестира во образовниот процес, а децата, нивниот развој и нивното образование се во фокусот на нашата работа. Токму поради ова, неопходно е секое прекршување на законот соодветно да биде санкционирано, наведува првиот човек на општината.