
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска рече дека бил негативно изненаден од Бугарија и од нејзината одлука да му забрани влез во државата на македонскиот адвокат Тони Менкиноски, кој ги брани Македонците во Софија.
Македонскиот шеф на дипломатијата рече дека во моментот ги разгледува сите аспекти на случајот и ќе донесе одлука кои дипломатски механизми ќе бидат преземени.
„Многу сум загрижен од ова што примарно го гледам, бидејќи сум негативно изненаден како земја членка на ЕУ се однесува кон наш граѓанин, кој имал единствена цел да штити права на наши граѓани пред европски институции. Со други наши соседи сме имале вакви состојби и сме реагирале по дипломатски пат. Мерката и механизмот кои ќе ги преземеме ќе се одлучат во рамки на Министерството за надворешни работи“, изјави Муцунски.
Според министерот, ваквата постапка на земја членка на ЕУ е недозволива, нагласувајќи дека не сака да верува оти „Унијата ќе застане на страната на вакви ретроградни дејствија и механизми кои доаѓаат од нашиот сосед“.